Предупредување на “Вила Зора”

Топилница повторно може да го загадува Велес

Еколошкото друштво „Вила Зора” од Велес, по информациите објавени во јавноста за можна продажба и рестартирање на Топилницата во градот, истапи со свое предупредување за можно загадување, потенцирајќи дека очекува од Владата да се зафати со ревитализација на животната средина, подобрување на животните услови, дислокација на згурата  која се наоѓа во непосредна близина на градот, но и да им помогне на заболените од хронични болести добиени од долгогодишните загадувања од фабриката.

Членовите на Еколошкото друштво го сметаат предлогот за продажба на Топилницата на странски партнер преку директна спогодба за опасен, несериозен и неодговорен чин и укажуваат на постоење револт и страв кај Велешани од повторно загадување. „Вила Зора” посочува дека ресорното министерство и Владата треба да го почитуваат правото на живот  во чиста и здрава животна средина, а доколку истото биде нарушено, најавуваат дека ќе бараат помош  и од Меѓународниот суд за човековите права во Стразбур.

К.Б.