Етно центар Балканика ќе продолжи со работата во основните училишта во Тетово

“Заедно растеме” во четири основни училишта
 

Вкупно 200 ученика од основните училишта “Кирил и Методиј, “Истигбал”, “Андреј Савески-Кикиш“ и “Гоце Делчев” од Тетово ќе бидат вклучени во продолжението на проектот “Заедно растеме” што го спроведува Етно центарот Балканика од Тетово и НГО Форум - ЗФД од Бон.

“За­едно растеме” е про­­­длолжение на пи­лот-проектот што се спроведуваше само во Основното учи­лиш­те “Кирил и Методиј”. Проектот и понатаму е фокусиран на мирните начини на разрешување конфликти, намалување на агресивноста кај децата, почитување на разликите, развојот на одбранбени механизми против фрустрација, развојот на способности кај учениците за заедничко живеење во различни етнички и возрасни групи, развој на имагинацијата и креативноста кај учениците, запознавање со методи на препознавање конфликти и неагресивни методи за нивно разрешување. Во проектот ќе бидат вклучени и наставниците и родителите.

Учениците ќе бидат вклучени во активности од областа на екологијата и спортот, ќе бидат организирани креативни работилници и работилници за запознавање со техниките на комуникација. Во рамките на месецот на запознавање со поимите дискриминација и конфликт на учениците ќе им бидат објаснети најчестите извори на дискриминација.

Проектот е поддржан од Германската федерална влада во улога на спонзор на Пактот за стабилност на Источна и Југоисточна Европа и од канцеларијата на Каритас, Франција.

 Гонце Јаковлеска