КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО БЕЗ ГРАНИЦИ

Како да работиме заедно?

Од 20 до 22 септември 2006 година во Сараево, Босна и Херцеговина, се одржа работилница на која учествуваа група невладини организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора и Македонија, во организација на Шведската фондација Културно наследство без граници.
Регионалната развојна работилница се одржа во убавата зграда на Земскиот Музеј во Сараево, која беше целосно обновена и реставрирана со поддршка на оваа фондација.

Целта на работилницата беше да се излезе пресрет на новите потреби за културна соработка во регионот, како и на растечката потреба за поблиска комуникација која е идентификувана кај невладините организации кои работат на полето на заштитата и промоцијата на културното наследство. Работилницата во Сараево беше организирана за да се идентификуваат конкретните потреби во овој поглед, да се разговара за нив, да се разменат искуства и да се постават основи на идната соработка.

Клучна тема на која се разговараше на работилницата беше подигањето на јавната свест. Заедничка црта на невладините организации кои учествуваа на оваа работилница (од Македонија беа присутни Македонското истражувачко друштво и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија) е работата поврзана со културното наследство, иако од различни аспекти: едукација, реставрација, архивирање... Но, јакнењето на јавната свест е активност која се провлекува во сите овие аспекти на работа. Токму затоа, оваа тема беше клучна околу која се одвиваа дискусиите и работата. На работилницата беше заклучено дека еден од начините да се подигне нивото на свеста за културното наследство е соработката или вмрежувањето, за што беше покрената и конкретна иницијатива. Учесниците на работилницата се договорија да формираат неформална мрежа, која во иднина може да се развива и да добие и поинаква форма. Тие одлучија да формираат и електронска дискусиска група за да можат полесно да комуницираат во иднина.

Работилницата ги оствари очекуваните резултати – да се дефинираат потребите на присутните организации и да се формираат групи кои ќе се поддржуваат со цел да ги јакнат сопствените капацитети и јавната свест за заштитата на културното наследство; да се формира дигитален форум за дијалог и размена на информациите од оваа област; да се договори вид на документ со препораки за јакнењето на свеста; да се формира платформа за вмрежување и соработка; како и да се идентификуваат и други организации од регионот кои би се вклучиле во оваа иницијатива.  

Шведската фондација Културно наследство без граници е приватна фондација, формирана во 1995 година, која работи во духот на Хашката Конвенција (1954) за заштита на културното наследство загрозено од војни, природни катастрофи, негрижа, сиромаштија или политички и социјални конфликти. Во 1996 година, оваа фондација го започна својот прв проект во Босна и Херцеговина, а денес е активна во Косово (каде има своја локална канцеларија), Босна и Херцеговина (во Сараево е седиштето на регионалната канцеларија), Македонија, Србија и Црна Гора.

 

 

М. Иванова