Трибина на МЦМС и ЗНМ
Различности во информирањето на претседателските избори
Во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во Клубот на пратениците во Скопје, на 08 јуни се одржа трибина со наслов “Различности во информирањето на претседателските избори”.
Трибината беше наменета за претставници на медиумите, а основа за дискусија беа написите на Дневник, Утрински весник, Вечер, Факти и Лоби, кои се вклучени во спроведувањето на програмата Страници за меѓусебно разбирање.
На трибината се дискутираше за информирањето на медиумите на последните претседателски избори. Сашо Ордановски, главен и одговорен уредник на Форум, еден од воведничрите на трибината, го отвори прашањето на транспарентноста на претседателските кампањи: “Да видиме каде се школуваат децата на претседателот, дали во државно или во приватно училиште. Ако се школуваат во приватно, дали тоа не значи недоверба во државните институции? Дали знаеме што има во приватната библиотека на претседателот, или што работат нивните родители? Ние многу малку знаеме за тоа. Ние се задоволуваме само од прес-конференциите на партиите, а не реагираме на тврдења од типот дека на некое гласачко место има избирачки фалсификат, па да одиме таму и малку да истражиме за тоа”, рече Ордановски.
“На овие избори за првпат во независна Македонија во дневниот печат немаше провладини и проопозициски весници за време на претседателска кампања. Имаше еднаков однос на медиумите спрема сите кандидати. Освен кандидатот на Демократската партија на Албанците (ДПА) која играше на картата на радикализмот, другите партии и нивните кандидати за претседател не се бавеа премногу со меѓуетничките фрустрации. Имаше двајца сериозни кандидати за претседател и двајца колку да ја исполнат празнината. Всушност, ако се види подлабоко, имаше само еден кандидат”, изјави Даут Даути, главен и одговорен уредник на весникот на албански јазик, Флака и воведничар на трибината.
А, директорот и главен и одговорен на Македонската информативна агенција (МИА), Зоран Иванов, како учесник на трибината потенцира: “Нема веќе играње и манипулација на гласачите преку медиумите или невладините организации. Нема веќе голо повикување од наша страна за излегување на граѓаните на гласање, тие веќе не се толку зависни од политиките и политичарите. И покрај тоа што и ние и НВО повикувавме на гласање, едвај излегоа над 51 % од нив”.
Програмата “Страници за меѓусебно разбирање”, финансиски е поддржана од Европската агенција за реконструкција (ЕАР).
|