Четврти Светски социјален форум
Дијалог за формулација на поинаков свет
Светскиот социјален форум 2004 година во Мумбаи (Бомбај) Индија по четврти пат собра голем број организации и движења на граѓанското општество, по претходните три одржани во Порто Алегре, Бразил. Форумот оваа година се одржа од 16 до 21 јануари 2004 година.

Светскиот социјален форум е дијалог за формулација на поинаков свет - плурален, праведен, одговорен и споделен свет со еднакво достоинство и права за сите луѓе. Како таков, тој е во опозиција на нео-либералните економски политики. Светскиот социјален форум ја декларира убеденоста дека „поинаков свет е возможен“. Неговиот главен фокус е негативното влијание на неолибералната глобализација која создава мала глобална владејачка класа и голема класа на ранливи и сиромашни во секоја земја. За време на неговото одржување дел од мегатемите беа „Глобализација, глобално владеење и националаните држави“, „Медиумите, културата и знаењата“, „Политичките партии и социјалните движења“ и други. Секојдневно се одржуваа неколку активности, еден голем јавен настан, 12 конференции и панели и 300 работилници. Во нив учествуваа десетици илјади учесници и делегати, а проценките се дека бројот на учесниците беше над 75. 000.
Македонија на Светскиот социјален форум ја претставуваа четири учесници: Јасмина Фриншиќ од ЕСЕ, Скопје; Алберт Муслиу од АДИ, Гостивар и Сашо Клековски и Александар Стамболиев од МЦМС од Скопје.
Сашо Клековски
|