Мозаик - успешен модел за мултикултурно и предучилишно образование и воспитание
Билингвалните групи ја потврдија моќта на комуникацијата
Во седум градинки во пет града во Македонија се одвива мошне впечатливиот модел за мултикултурно и предучилишно образование и воспитание на деца од 3 до 6-годишна возраст наречен „Мозаик”. За него најмногу знаат дел од родителите кои се одлучуваат наместо во класична група во градинка, своето дете да го пратат во македонско-албанска, македонско-српска или македонско-турска група, но знаат и нивните роднини, пријатели. Од пред една година стекнатите позитивни искуства се пренесуваат и на Косово.
Официјалните почетоци на проектот Мозаик во земјава се врзуваат за 1 септември 1998 година, кога по претходна едногодишна подготовка на воспитувачките и опремување на соодветни простории започнал како пилот-проект во градинките „Орце Николов’ и „Снежана” во Скопје и „Ангел Шајче” во Куманово. На почетокот групите броеле 16 деца, за на крајот на 2006 година бројот да се зголеми на 510 деца. Билингвалните групи на Мозаик и оваа есен ќе ги пречекаат малите граѓани во градинките „Орце Николов” -клон „Орце Николов” 2; „25 Мај” - клон „Синолочка” и „Р. Ј. Корчагин” - клон „Пепелашка”, во Скопје (македонско-албански групи); „Ангел Шајче” - клон Буба Мара во Куманово (македонско-српска и македонско-албанска група); „8 Март” - клон „Сонце” во Струга и „Брејша” во Дебар (македонско-албански групи) и во ОУ „Мустафа Кемал-Ататурк” во Гостивар (македонско-албанска и македонско-турска група). Проектот е во последната фаза на спроведување, во период кога мошне интензивно се размислува за интегрирање во македонскиот образовен систем, што е и негова долгорочна цел.
„Целата идеја на почетокот беше на децата уште од мала возраст да им се овозможи да се социјализираат со деца од друга етничка заедница. Програмата ја создадоа родители кои сакаа да им дадат нешто повеќе на своите деца, попривлечни услови за работа во градинка, што образовниот систем не им го обезбедуваше. Мозаик има две компоненти, едната е развојно-педагошка, а другата билингвална. Преку првата, на децата им обезбедуваме флексибилен дневен режим, постои индивидуализиран пристап во работата со нив. Особено важно е што во оваа развојно-педагошка компонента се вклучуваат и вештини за решавање конфликти, со кои прво беа обучени воспитувачките” - вели Вилма Венковска-Милчев, директорката на образовната програма во организацијата Потрага по заедничка основа, со седиште во Скопје, која го реализира проектот. Таа напоменува дека од почетокот проектот се реализира со одобрение од Министерството за труд и социјална политика и од Министерството за образование, а информациите за неговото постоење од град во град се шират, главно преку стекнатото позитивно искуството од родителите чии деца веќе биле во некоја од групите.
„Родителите можат најдобро да сведочат колку нивното дете било задоволно да биде присутно во групата Мозаик. Обично своите деца во групите ги запишуваат родители отпорни на социјалниот притисок. Групите се единствени кои во 1998 година беа опремени со голем број катчиња, играчки, дидактички материјал и компјтери. Во почетокот информирањето одеше тешко, но сега имаме и по 60 до 70 деца на листа на чекање во градинките, бидејќи бројот во групите е ограничен од 18 до 20, при што пропорционално се застапени деца од две етнички заедници. Мозаик е мултикултурен, билингвален проект, бидејќи комуникацијата се одвива на два јазика, а ги вклучуваме јазиците на заедниците, во зависност од нивната застапеност во општината. Во оваа фаза на процесот на децентрализација на власта, а со тоа и на образованието, во нашата стратегија вклучивме и работа со локалните заедници” - посочува директорката.
Кумановско искуство
Воспитувачката Јадранка Симовиќ во македонско-српската група во градинката „Ангел Шајче” - клон „Буба Мара” во Куманово, работи веќе четири години. Со децата зборува српски, а врз основа на своето претходно искуство со работа во градинки и во забавишни групи ги потенцира особеностите на Мозаик.
„Мозаик многу се разликува од другите групи. Тука работиме исклучиво на два јазика. Најмногу внимание $ се посветува на билингвалноста и голема предност е што децата, покрај што го изучуваат својот мајчин јазик, се запознаваат и со културата на другарчето. Целта не е да се научи другиот јазик, туку да се воспостави комуникација меѓу децата од различна националност. Иако не го знаат јазикот, тие преку игра се разбираат и меѓусебно се слушаат. Куманово е град каде скоро сите деца зборуваат на кумановски дијалект. Овде учат литературен македонски и српски јазик и го прошируваат своето знање. Уште од самиот почеток јас зборувам исклучиво на српски, а колешката на македонски јазик, а на децата од првиот ден им се објаснува во каква група доаѓаат. Кај нив не постои проблем, тие брзо се снаоѓаат и се разбираат, како во оваа група, така и во македонско-албанската. Играат иста игра, а зборуваат на своите јазици” - вели Симовиќ.
Воспитувачките говорат, читаат, разкажуваат на српски и на македонски јазик со што се развива љубовта кон двата јазика подеднакво. „Во овдешните групи децата се запознаваат со културата на Македонците, на Србите и на Албанците. За одредени празници се оди во посета на домовите на децата, за да се види како се слави Бајрам, Велигден, Божиќ” - вели воспитувачката.
Родителите за своите деца плаќаат исто колку што чини престојот и во другите групи во градинките во земјава, но немаат обврска да купуваат материјали за работа. Како голема предност се потенцира и фактот дека доколку не сакаат, децата не мора да одат на спиење, туку можат да играат „мирни игри”. Во програмата се вклучени и родителите на децата, со кои воспитувачките одржуваат работилници на различни теми, често и за начините на справување со конфликтни ситуации, кои настануваат меѓу децата, и меѓу родителите и децата. Родителите имаат можност со своите деца да изработуваат различни предмети, но и да поминат цел ден во групата.
Жаклина Миленковиќ, како мајка на Марко, првиот ученик во македонско-српска група, со задоволство го пренесе своето искуство. „Националната компонента ни беше првата идеја за да го запишеме Марко во групата. Во Куманово тој нема можност да посетува настава на српски јазик, ние сме по националност Срби, а дома се говори на кумановски дијалект. Имав желба моето дете да знае српски јазик, но тоа набрзо, откако ја осознав суштината на програмата, стана најспоредната работа поради која е моето дете тука. Начинот на работа, различната возраст на децата, пристапот, работата на воспитувачките се за секоја почит. Со задоволство го носев детето тука, иако имав градинка пред зградата. Јас работам во училиште по српски јазик надвор од градот и можам да кажам дека според програмата, начинот на работа, условите во кои се работи, опременоста со технички помагала овие групи во голема мера се разликуваат од другите. Марко, освен интелектуалниот развој, тука стекна и одредени специфични вештини” - потенцира мајката.
Мозаик се прошири и на Косово
Мозаик во Македонија се спроведува во соработка со Швајцарската агенција за развој и со Шведската меѓународна агенција за развој. Отворените билингвални предучилишни групи како такви засега се единствени на Балканот. „Можеби постојат на некои од странските јазици, но се единствени на локалните јазици. Нивната големина е во тоа што овозможуваат да се разбираат луѓе кои живеат на едно место, кои се непосредно блиски едни со други” - посочува Венковска-Милчев.
Организацијата Потрага по заедничка основа потпишала со Министерството за труд и социјална политика писмо за намери, како предоговор помеѓу владите на Швајцарија и на Македонија за соработка, која вклучува и буџетско покривање на трошоците за работа на воспитувачките од страна на Министерството, и очекува општините да ја финансираат работата на воспитувачките. Засега само една од нив се финансира преку буџетот. Организацијата од почетокот на реализацијата на Мозаик ги покрива целокупните трошоци на програмата и платите на другите воспитувачки, иако се очекува ингеренциите етапно да се прелеваат кај општините, пред сe поради различната економска состојба во која се наоѓаат.
По барање на организацијата „Спас на децата” (Саве тхе цхилдрен) од Косово, проектот започна да се спроведува и на Косово. Годинава се отворени бошњачко-албанска и албанско-турска група, во Пеќ и во Приштина.
„Кога го градевме Мозиак, црпевме искуства од Оазата на мирот во Ерусалим, каде заедно живеат Палестинците и Израелците и од Швајцарија, но никогаш не ги прифативме како готови шаблони за да ги примениме во Македонија. Ги моделиравме според специфичниот контекст во Македонија, така што тој модел го користиме за работа во Косово, каде од септември е планирано отворање на уште две групи Мозаик, на бошњачко-албански и на турско-албански јазик во Призрен” - вели Вилма Венковска-Милчев.
Катерина Богоева
|
|