Граѓанска иницијатива на жените - ГИЖ, Свети Николе

Економско и политичко јакнење на жените

Граѓанската иницијатива на жени од Свети Николе започнала да работи во 2001 година како неформална група сос­тавена од шест претставнички на ло­калната самоуправа, синдикатот, бизнис секторот, медиумите и граѓанскиот сек­тор. Првичната идеја, како што ни рече претседателката на ГИЖ, г-ѓа Ири­на Поцкова, била да се иницираат активности на полето на економското јакнење на жената.

“Функциониравме како неформална група на граѓани до ноември 2002 година”, вели г-ѓа Поцкова, “заради неможноста да пристапиме кон фондовите на потенцијалните донатори ја формализиравме групата и спроведовме постапка за регистрација. Денес нашето здружение брои 120 членови и нашите основни активности се насочени кон економското и политичкото јакнење на жените од општината Свети Николе”, додаде таа.

Уште првиот спроведен проект ја профилирал Граѓанската иницијатива на жени. Со “Патишта и можности-сама до соп­ствен бизнис” 20 жени биле обучени како да регистрираат претпријатие, како функционира претпријатие, како да им се пристапи на кредиторите и донаторите, како да се организира маркетинг и пласман на производот. Биле обучени 10 жени за работа со компјутери, а била издадена и брошура “Патишата и можности-сама до сопствен бизнис”.

Во спроведувањето на проектите, ГИЖ не застанува само на обуката, туку се обидува на обучените да им даде можност и практично да ги спроведат знаењата. Така, по обуката на 40 лица за производство на градинарски култури и цвеќе под пластеници, ГЖИ во соработка со ЈП Македонски шуми обезбедила пет пластеника за период од пет години каде пет жени и практично можат да го започнат својот бизнис. Исто се случило и со уште еден проект кога по издавањето на прирачникот “Контејнерско производство на расад”, ГЖИ во соработка со Агенцијата за унапредување на индивидуалното земјоделство од Свети Николе, на заинтересираните им доделила 2000 контејнери за производство на расад.

“Можеме да се пофалиме со добра соработка со локалната самоуправа”, вели претседателката Поцкова. “Благодарение на таа соработка беше реализирана иницијативата на ГЖИ за отворање Граѓански информативен центар, а се надеваме дека позитивно ќе заврши и нашата иницијатива за отворање на Центар на женското претприемништво.”

Организацијата има добри релации и со другите организации на граѓанското општество. Во соработка со Организацијата на жени на општина Свети Николе и Здружението на Роми спроведено е истражување чија цел е да ги открие причините за малото присуство на жените на одлучувачките места. Заедно со Здружението на Роми се спроведува и проектот Интеграција на младите во општеството.

Во овој краток период на постоење, Граѓанската иницијатива на жени спровела уште неколку други проекти: Родово буџетирање, Децентрализација сега и денес итн. Членките на организацијата сметаат дека на полето на економското и политичкото јакнење на жените има уште многу да се направи, затоа се решени да продолжат по истиот пат надевајќи се дека ќе имаат се повеќе и повеќе соработници и следбеници.

Контакт: ГИЖ, Свети Николе Плоштад Илинден бб, 220 Свети Николе,  032/444-322
(канцеларијата е отворена секој работен ден од 10-12 часот)

Гонце Јаковлеска