Пет години “Немаме резервна планета”

Се создава мрежа на Еко-училишта 

Граѓанската организација ОХО, како една од најважните следни активности во рамките на програмата “Немаме резервна планета”, подготвува создавање мрежа на еко-училишта во земјава која за почеток би броела 20 училишта од урбани и рурални средини. Мрежата ќе биде поврзана меѓу себе преку размена на информации меѓу учениците за остварени проекти и направени еко-акции во училиштата. Идејата е мрежата да се поврзе и со исто такви мрежи во соседството, особено со државите во кои се реализира истата програма, а во блиска иднина и со веќе постоечката европска еко-мрежа на училишта.

Програмата “Немаме резервна планета” веќе пет години се реализира во сите основни училишта во државава. Децата преку колоритни впечатливи и интересни игри учат за екологијата и заштитата на животната средина, како и за тоа како превентивно да дејствуваат во сочувувањето на околината во којашто живеат. За децата од прво до четврто одделение програмата предвидува игра и коментирање на илустрациите од календарите кои ОХО секоја година ги дистрибуира во училиштата и разговор со наставниците за тоа што е тоа екологија, планетата Земја, кои се еко-девојчето и еко-момчето, како и други теми кои им се наметнуваат на најмладите, гледајќи ги сликите од календарите.

“Организацијата ОХО постои од 1999 година откако започна да се работи и проектот и програмата ‘Немаме резервна планета’. Целта од самиот почеток беше овие теми да ги приближиме на нашата целна група-децата, но преку нив и на нивните наставници и родители. Проектот се спроведува во Македонија, накратко се спроведуваше и во Косово, а во моментов се работи и со децата во Србија. Најчесто во смислувањето на програмата и креирањето на материјалите работат пет луѓе, но многу често се вклучуваат и луѓе отстрана. Од 2002 година до денеска, најзначаен финансиер на нашите активности е Швајцарската агенција за развој и соработка, но голема помош секогаш имаме и од Министерстството за животна средина и од Бирото за развој на образованието. Материјалите во програмата се изработени на сите јазици на коишто се зборува во државава, и во училиштата се дистрибуираат бесплатно за секое дете на оној јазик на којшто зборува”- вели Александра Младеновска, координатор на проектот.

С.Н.