Глобалното село на плоштадот Македонија

“Пат околу светот за 1 ден”

На плоштадот „Македонија” во Скопје на 18 февруари се одржа манифестацијата „Глобално село”, во организација на интернационалната платформа АИЕСЕК која на македонската публика и понуди одлична забава со 250 учесници од 104 земји членки. На манифестацијата која годинава се одржуваше под мотото „Пат околу светот за 1 ден” и ја посетија повеќе од 10.000 луѓе. Прествниците на  Сенегал, Того, Шпанија, Казахстан, Азербејџан, Америка, Венецуела, Молдова и многу други, ја презентираа својата култура, традиција, националните танци и музика, храната и пијалоците карактеристични за нивните земји. Беше прикажана и интерактивна програма со музички презентации на земјите, акробатски атракции, а атмосферата дополнително ја разиграа македонските изведувачи: Адријан Гаџа, Јован Јованов, Елвир Мекиќ, Боби Симоновски и Деана Николовска.

Глобално село беше дел од Интернационалниот конгрес на претседатели кој по прв пат во земјава,  се одржа од 15 до 27 февруари во Скопје и Охрид . Конгресот се смета за најзначаен  глобален настан на интернационалната младинска мрежа АИЕСЕК и претставуваше исклучителна можност за промоција на капацитетите на младата популација, на традицијата и на квалитетите на Македонија, пред повеќе од 250 млади лидери – учесници на конгресот и амбасадори на своите земји. 

К.Б.