интервју: Васко Хаџиевски, координатор за проекти во СИДА
Заминувањето на донаторите од Македонија е добар знак за инвеститорите
Пред извесно време завршија два големи проекти поддржани од Шведската меѓународна агенција за развој - СИДА, а реализирани од организациите АЛКА и АМПЕП, посветени на децентрализацијата. Кои се придобивките од нив? Проектите на АЛКА и АМПЕП се однесуваат на децентрализацијата, руралниот развој и поддршка на локалната самоуправа.
АМПЕП е невладина организација од Исланд која проектот паралелно го спроведуваше во Македонија, најмногу во западниот дел, и во Албанија. АЛКА е домашна невладина организација која работеше исклучиво во Македонија и реализира над 70 проекти.
Преку мали инфраструктурни градежни зафати се допре до долниот слој на локалната самоуправа, селата и месните заедници, поточно до нивните потреби и проблеми. Најчесто со учество на локалното население се градеа водоводни системи и се разговараше за локалната власт. Всушност, целта на двата проекти беше со методот на учество на населението да се реши локален проблем и наедно населението да научи како може да ги искористи институциите во својата држава, почнувајќи од месната заедница, до министерствата. Проектите имаа голем успех и резултираа со самоиницијативно покренување проекти од страна на населението за кои не бараа донации од нас, туку ги користеа сопствените можности или можностите кои ги даваат државните фондови. Целта беше постигната со тоа што граѓаните се мотивираа да соработуваат со локалните власти за прашања кои им се од најголема важност, како што е изградба на патишта, водоводи, канализации и други инфраструктурни зафати.
Од кога СИДА работи во Македонија и какви проекти се реализирани досега? СИДА е присутна во Македонија од 2000 година. Секоја година се инвестираа најмалку по 7 милиони евра во различни проекти, а најмногу за заштита на животната средина, земјоделството, за човековите права и други. Реализирани се и проекти наменети за маргинализираните заедници, децата, трговија со бели робје, како и за Ромите.Шведската невладина организација работи и со повеќе проекти за жените, а Шведската амбасада во Македонија секоја година организира семинари и тренинзи за родова еднаквост.
Со оглед на тоа дека шведската влада смета дека Македонија достигнала ниво на развој во кое не $ требаат донатори, туку инвеститори, СИДА до 2010 година ќе се повлече од нашата земја. Тоа значи дека ќе завршат сите тековни проекти, кои се зацртани со Стратегијата 2005-2010 година.
Тие се фокусирани кон земјоделските здруженија, а се работат во соработка со Федерацијата на фармерите на Македонија и министерството за земјоделство. Реализирани се и проекти за соработка на македонскиот и на шведскиот факултет за земјоделство и со Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството.
Министерот за земјоделство има советник од Словенија за европска интеграција чиј ангажман го плаќа СИДА. Се работат и еколошки проекти, како што е Националната стратегија за одржлив развој на Македонија, финансиска поддршка на Регионалниот еколошки центар за изработка на локални еколошки акциски планови, а во процес е започнување проект со Дирекцијата за храна, за поддршка на хемискиот Инспекторат за увоз на хемикалии по европски стандарди. Реализиран е и проект со Државниот катастар за модернизација и трансформација.
Поддржани се и проекти на организацијат Ла страда, како и голем регионален проект за зачувување автентични сорти и раси, кој се реализира во сите балкански држави.
Преку СИДА, шведски гарантен фонд им помага на кредитобарателите кои на поинаков начин не можат да добијат кредит од домашните банки. Фондот предвид зема и земја, машини, викенд-куќи и друг имот на барателот, а пред банката гарантира со пари.
Дали до повлекувањето во 2010 година СИДА ќе започне уште со некои проекти или, пак, ќе учествува како поддршка на проекти на други граѓански организации? СИДА веќе нема да почнува со нови проекти во Македонија. Како што напоменав, Шведска ја рангира Македонија, заедно со Хрватска, на патот кон Европската Унија и смета дека не се потребни донации, туку инвестиции. До 2010 година ќе завршат сите почнати проекти во земјоделството и заштитата на животната средина. Според планот, нема да се поддржуваат ниту други невладини организации во нивните проекти до 2010 година.
Фактот што еден донатор си оди од Македонија е добар знак во пошироки рамки, односно е добра порака за странските инвеститори. Тоа значи дека државата постигнала одредено ниво во градењето на институционалните капацитети.
Дали СИДА со своите прокти го поддржа зајакнувањето на капацитетите на институциите во Македонија? Во сите области во кои СИДА работи со проекти, во рамките на проектот е вклучено и градење на капацитетите на некоја државна институција со која се соработува. Покрај родовата еднаквост и заштитата на животната средина, постулати на кои се темелат сите проекти на СИДА и кои мора да се почитуваат, без разлика на тоа за каков проект се работи, е и градењето на капацитетите на администрацијата, уште една од најважните заложби на СИДА. Додека првите два принципи се во согласност со работењето на СИДА каде било во светот, бидејќи родовата еднаквост и екологијата се едни од најважните правила кои се почитуваат во Шведска, за третиот искуството е извлечено од работењето во Македонија. Во текот на спроведувањето на проектите заклучивме дека е многу важно да ја едуцираме и администрацијата, за да не бидат придобивките од проектите еднократни и да се чувствуваат и во иднина.
Дали ќе продолжи со работа канцеларијата за контакт на граѓаните со пратениците? Во рамките на Парламентот функционира канцеларија за контакт на граѓаните со пратениците и со сите материјали кои ги донесува Собранието. Таа започна со работа како помош од шведскиот Хелсиншки комитет за граѓанската асоцијација МОСТ, но со текот на времето стана самоодржлива и продолжи да функционира самостојно. Преку канцеларијата може секој граѓанин да им постави прашање на парлементарците или, пак, да побара некој пишан материјал кој го донел Собранието. Контактот е постојан и е достапен секому.
Услугата се наплатува и со тоа се обезбедува одржливоста на канцеларијата.
|