Новина во Македонија

Во Македонска Каменица се произведува првиот домашен биодизел

Здружението на лица со хендикеп „Ѕвезда” од Македонска Каменица веќе неколку години е единствениот производител на биодизел во Македонија. Производството е сe уште во експериментална фаза и е дел од проектот „Одржливо производство на биодозел од отпадно масло за јадење”, финансирано од ГЕФ, а горивото е наменето за Здружението на жени земјоделки „Агро-Винка”. Целокупната технологија според која се произведува еколошкото гориво е на Благој Михаиловски, претседател на „Ѕвезда”, кој заедно со својот брат, уште во средношколските денови се заинтересирал како од различни масла се произведува гориво.

Проектот има за цел намалување на емисијата на стак­ленички гасови со организирано собирање на отпад­ното масло од угостителските објекти и негово трансформирање во биодизел за сопствено користење во земјоделската механизација.

„Идејата за производство на биодизел потекнува одамна кога во едно списание прочитав дека од масло од кикирики се произведува гориво. Во прво време импровизиравме во домашни услови и произведувавме гориво од различни масла. Ништо од тоа не беше со доволно добар квалитет за да се употребува. Два обиди завршија неуспешно, откако ги испробавме на сопствени возила, бидејќи возилата се расипаа. Од тогаш, за да дојдам до овој стадиум на сопствено производство според моја технологија, помина многу време, прочитав многу стручна литература од книги и на Интернет”, вели Благој. Читал и прилози во весници наменети за енергетската вредност на мастите, како и за искуствата на австриските научници бидејќи Австрија е лидер на производството на биодизел во Европа. Тој, во својот погон во Македонска Каменица ги има самостојно конструирано сите машини потребни во процесот на производство, освен реакторот кој е донација од Британската амбасада.

Сепак, вели Благој, за преминот од идеја во вистинско производство пресудна е средбата со донаторот Глобалниот еколошки фонд, пред повеќе од една година. Од таму побарал и добил грант од 16.000 долари за отворање на погон. Свеченото отворање се случило во февруари годинава, во присуство на британскиот амбасадор Роберт Чатертон Диксон и финансиерите од ГЕФ. Со влегување во проектот, Михаиловски склучува договор за користење на отпадно сончогледово масло од неколку поголеми ресторани како „МекДоналдс”, „Кај Злате”, „Мрс”, како и од студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу”. Од тогаш почнува вистинското производство на биодизел во нашата земја. Месечното производство сега достигнува до 1 тон гориво, кој целосно оди за потребите на земјоделските машини на жените земјоделки. Тие, според проектот произведуваат маслодајна репка од која во иднина ќе се произведува биодизелот. Во моментов се обработени 3 хектари, од кои се очекува и првата жетва, но во плановите на здружението е да се засадат 30 хектари со репка и производството да се зголемува.

Биодизелот, во оваа фаза на проектот не се продава туку се подарува на земјоделците, а и Благој го користи за своето возило. Потрошувачката на возилата кои возат на биодизел е приближно иста како и на стандардниот дизел. Разликата е во заштитата на животната средина, која ова гориво воопшто не ја загадува. „Сите ја препознаваат мојата кола кога ќе помине. Карактеристично е тоа што наместо на сулфур, издувните гасови  мирисаат на помфрит”, вели тој. Производот е со добар квалитет, произведен според европски стандарди, за што има и сертификат од ОКТА.

„Биодизелот воопшто не ја загадува животната средина. Тоа е целосно еколошко гориво и во него нема ниту грам сулфур. Тоа е горивото на иднината кое во моментов е многу атрактивен производ во европските држави. Таму се вложуваат големи пари во технологија за негово производство. Според препораките од Европската унија до 2012 година 20 проценти од литар гориво мора да биде биодизелот”, објаснува Благоја.

Проектот финансиран од ГЕФ ќе трае уште една година, а од здружението „Ѕвезда” се надеваат дека ќе продолжи. Нивните планови за иднината се големи. Потребно е големо вложување за да потечат првите литри биодизел за комерцијална употреба. За тоа треба поголем погон, организирано собирање на прегорено масло, пласман, вработување на повеќе лица и други предуслови. Голема предност е што ја имаме технологијата, наша македонска. Иновативноста на Благој не застанала само на производството на биодизелот. Тој го решил и прашањето на отпадот од производниот процес од што во иднина планира да произведува глицерин и ѓубриво за земјоделски површини. За тоа исто така ќе треба посебен погон и обучени луѓе.

„Веќе имаме проблеми со просторот. Доколку сакаме сериозно да работиме треба да имаме сопствен погон кој просторно и технички ќе ги задоволува потребите за поголемо производство на биодизел. Проблем претставува и транспортот на отпадното масло бидејќи немаме соодветно возило. Засега одам во Скопје со моето приватно возило и носам масло од рестораните, а на истиот начин ги снабдувам и земјоделците. Сепак ако се одлучиме да го зголемуваме производството тоа нема да биде доволно”, нагласува Михаиловски. Тој и уште неколкумина се единствените стручни луѓе кои работат во погонот. Потребна им е помош од млади и образовани луѓе, а во државата нема ниту лабораторија која ќе го сертифицира производот и ќе го гарантира неговиот квалитет. Засега здружението „Ѕвезда” нема помош од државата, освен контактот со министерот Глигор Ташковиќ, кој ветил дека ќе им обезбеди контакти со слични фирми од европските држави. Во Македонија здружението е единствено кое се занимава со производство на биодизел. Од таму велат дека често ги посетуваат луѓе кои се интересираат за технологијата, но засега никој не почнал посериозно да работи на оваа проблематика.

“Финансиерот, ГЕФ, ќе го поддржува проектот до февруари 2008 година. Потоа, производството ќе продолжи самостојно со минимален паричен надоместок за директните трошоци од страна на корисниците, односно фармерите”, вели Златко Самарџиев, национален координатор на ГЕФ. Засега, Здруженијата на граѓани не можат да остваруваат приход и биодизелот можат да го користат само за свои потреби. Но, како што изминува времето, објаснува Самарџиев, и Македонија, а и другите чинители ќе се адаптираат со законски и финансиски инструменти кон потребата од производство и трговија со биодизел.

Според правилата, ГЕФ не поддржува профитни организации и институции, туку само здруженија на граѓани. Сепак, вели Самарџиев здруженијата можат самите  да се адаптираат на постоечките закони за да можат да опстанат и да бидат одржливи.

„Искрено се надеваме дека нашите активности ќе доведат до олеснување на постоечките или до нови законски определби кои ќе им помогнат на сите заинтересирани страни во производството и користењето на биодизелот, при што користа ќе ја имаат првенствено директните земјоделски производители, луѓето со посебни потреби и маргинализираните групи како невработени, жени, социјално загрозени и други”, нагласува Самарџиев.