Велес

Зелената коалиција бара дислоцирање на Топилницата

Претставниците на граѓанските организации од Велес здружени во т.н. Зелена коалиција, на 17 јануари се сретнаа со членовите на Советот на Општината и побараа да се забрза нивната иницијатива за промена на генералниот урбанистички план во делот на локацијата на Топилницата за олово и цинк.

Поради информациите за можното рестартирање на Топилницата, Ненад Коциќ од Зелената колаиција рече дека здруженијата не се против економскиот просперитет на градот, но тоа да не се одразува врз здравјето на граѓаните. Велешани и сега, пет години по затворањето на Топилницата, потсети Коциќ, с$ уште трпат последици. Над 90 отсто од жителите на Велес сметаат дека единствено решение за градот е Топилницата да се дислоцира 18 километри јужно, кај Фабриката за вештачки ѓубрива. Димче Велев, исто така од Зелената коалиција, поднесе иницијатива до Владата да издвои средства од буџетот со одреден процент за дислокација на Топилницата.

„Владата досега не издвои средства да ги обештети граѓаните за последиците по здравјето во изминатите 30 години од работењето на Топилницата. Но, сега има можност да ги поправи грешките од минатото и да ја заштити иднината на велешани”, рече Велев. Ангелче Гушев, член на Коалицијата, како превентива за да се спречи евентуалното рестартирање на Топилницата, најави јавни протести  на  граѓаните пред Топилницата.

МИА