Македонски центар за меѓународна соработка

Изјава за трагичната загуба
на г. Борис Трајковски, претседател на Република Македонија

„Балкански лидер кој не проповедаше војна“1

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во моментиве на  длабоко жалење за трагичната загуба на г. Борис Трајковски, претседател на Република Македонија, и неговите соработници и сопатници, сочувствува со огромната загуба и болка, на прво место за семејствата на загинатите. Тоа е огромна загуба и за народот на Македонија и за регионот.

Г. Борис Трајковски, беше човек со вера и љубов во луѓето и татковината Македонија. Тој несомнено остави трага со неговата определба за мир и ненасилство, соживот и интеграција, почит за сите.  Тој беше единствен во неговата достапност за другите и спремност да се сослушаат мислењата на другите.

Г. Борис Трајковски, беше отворен за соработка и му даваше активна поддршка на граѓанскиот сектор. Ќе останат запаметени неговите придонеси во поттикнување на меѓуверскиот дијалог во 1996 и 2001/2 година; неговата поддршка на хуманитарната помош во 1999 и 2001 година; неговата поддршка на НВО Саемот – форум на граѓанското општество во Македонија од 2001 до 2003 година, неговата поддршка на лицата со посебни потреби и на наградата „Вулкан 2003“; и многу други поддршки на граѓански иницијативи и на граѓанскиот сектор.  „Мојата политичка филозфија немаше да биде целосна доколку не работев во граѓанскиот сектор с‘е до 1997 година“, рече г. Борис Трајковски, претседател на Република Македонија, на 3 НВО Саем – форум на граѓанското општество во Македонија, во ноември 2003 година. Со тоа г. Борис Трајковски, беше значаен поддржувач на граѓанското општество и демократијата во Македонија и на европските интеграции.

Г. Борис Трајковски некогаш беше неразбран од другите. Можеби бидејќи беше балкански лидер кој не проповедаше војна.

Неговата последна заложба беше Македонија, а со тоа и регионот, да го направат клучниот чекор во европизацијата, да стане членка на Европската Унија.

Споменот на г. Борис Трајковски ќе биде зачуван со продолжување по заедничкиот пат.

            

Скопје, 27 февруари 2004 година                                            Сашо Клековски
                                                                                                     Извршен директор


--------------------------------------------------------------------------------

1 Наслов од холандски весник