МРФП воспостави два гарантни фонда
Подобар пристап до финансиските услуги
МРФП воспостави гарантни фондови од воен ризик и од недостаток на обезбедување, со што се смета дека ќе бидат охрабрени финансиските инситуции да пласираат кредити на можни корисници чии бизниси се лоцирани во поранешните кризни региони или немаат доволно обезбедување. Гарантните фондови можат да се користат по потпишувањето на договорите помеѓу МРФП и финансиските посредници: Стопанска банка А.Д. - Битола; Тутунска банка А.Д. - Скопје; ИК банка А.Д. - Скопје; и Штедилница Можности реализирано на 16 јуни 2004 година. Вкупната сума ставена на располагање на гарантните фондови е 500.000 евра.
Потребата од воспоставување гарантни фондови МРФП ја идентификува во текот на своето работење. Во периодот од ноември 1998 година, кога е и формирана, до денес пласирани се вкупно 9.485,428 евра со што се опфатени 2.180 корисници на кредитната линија на МРФП, меѓу кои 1.437 индивидуални земјоделци и мали претприемачи, 133 мали претпријатија и 610 микропретпријатија. Пристап до кредити можеа да обезбедат само оние корисници кои покрај добрата идеја за бизнис, можеа да понудат и соодветно обезбедување, согласно политиките на финансиските институции. Ова беше причината МРФП да преземе активности за воспоставување на гарантните фондови. Со операционализирањето на гарантните фондови се очекуваат поголеми пласмани од кредитна линија на МРФП, но и похрабро настапување на банките на овој дел од пазарот.
|