Непристоен предлог до судството

Како да се стави крај на реформскиот илузионизам?

Анкетите покажаа дека директните целни групи не се многу заинтересирани за реформите во судството, покажаа недостаток на информираност и мешање на извршната власт во работата на судската власт

Поттикнување реформи во судство, кои не би биле обична “козметика” туку реформи што од корен би го промениле суд­ството, се основна цел на проектот “Непристоен предлог до судството - поддршка на дискусискиот процес за реформа на судството”. Проектот заврши пред неколку месеци, а неговата завршница може да се опише како пристојна, на “непристојниот предлог до судството”. Овој проект, кој траеше од мај 2004 година до април 2005 година, беше финансиран од Фон­да­цијата Институт отворено оп­­штество Македонија и од набљу­ду­вачката комисија на ОБСЕ во Скопје.

“Базичните цели на проектот беа да се испитаат ставовите на експертите и политичарите околу на­чините за реформите во судството, да се истражи и фиксира дијапазонот на можни стратегии, динамика и области во коишто ќе се фокусираат промените, како и да се истражи искреноста на по­ли­­тичките и на судските инстанци за реформи”, вели Александар Цве­тковски, претседател на Асоцијацијата за граѓанска толеранција и слобода - АГТИС, асоција­ци­ја којашто беше носител на про­­ектот.

Општа е оценката  на домашните и политичките субјекти, на меѓународната заедница и воопшто на граѓаните дека се нуж­ни и итно потребни реформи во судството во Македонија. Независно и ефикасно судство е еден од круцијалните ус­лови за побрза интеграција на Македонија кон Европската Унија и кон НАТО. Тимот на АГТИС, кој е носител на проектот, смета дека судската власт е неефикасна, корумпирана, трома и нестручна. “Ваквите тврдења ние воопшто и не мо­ра да ги докажуваме, дури и да не е така, самиот факт де­ка во судството воопшто не е интервенирано од осамостојување на Македонија, н$ упатува на аларм”.

Прашањето коешто се наметна само од себе е: “Како да не се остане само на ниво на ‘технички’ реформи, туку да се дој­де до промени коишто ќе го изменат од корен  и нашето суд­­ството, со што истото би почнало да работи на принципите на капитализмот и демократијата”.

“Она што е загрижувачки е дека Македонија и покрај та­ка­на­ре­чениот реформски илузионизам, и покрај формирањето по­веќе специјализирани тела и донесувањето различни закони, кои всушност треба да претставуваат во вистинска сми­сла на зборот подобрување на правната рамка за еден ефикасен национален правен систем, сепак, ние на крајот на краиштата, остануваме на почетната позиција и на од­ре­ден начин, би рекол,  дека не само што стагнираме, туку обемот и динамиката на криминалот, ако сакате и неефикасно­ста на правниот систем, се зголемува”, изјави на панелот што се оддржа за време на експертската работилница “Наци­о­нална реформа на судството”, професор д-р Никола Ту­пан­чев­ски од Правниот  факултет.

И повторно прашање, кое всушност беше и едно од базичните цели на проектот: “Колку се подготвени политичките и судските инстанци за реформи?

“За да се добие одговор на ова прашање ние за време на проектот направивме обемна анкета со сите судски, парламентарни и владини инстанци, како и интервјуа со експерти  од областа на правото. Беа одржани и неколку работилници, беше промовирана и веб-страницата, а од печат излезе и кни­гата ‘Национални реформи во судството’”, објаснува Алек­сандар Цветковски.

Цветковски нагласува дека анкетите направени за време на проектот покажаа дека директните целни групи не се многу заин­тересирани за реформите во судството, дека постои недостаток на информираност (повеќе од 50% правници за слу­чувањата и реформите во судството информации доби­ва­ат од медиумите). Податоците покажуваат делумно при­з­на­ва­ње на сопствената вина за состојбите во судството, со ви­соко потенцирање на законските основи (Законот за судовите од 1996 година) за негативните состојби во судството, како и мешање на извршната власт во работата на судската.

Дека судовите од ден на ден с$ повеќе се “гушат” во не­из­вр­шени судски предмети покажува и податокот според кој во ма­кедонските судови во 1997 година имало 99.946 не­­­из­вршени судски предмети, додека во 2003 година таа број­ка достигнала 210.588. Извршената анализа на состојбите од меѓународните и од домашните експерти покажува дека ваквата состојба се должи на преголемата контрола на судиите во постапките, ограничени овластувања на службените лица во судовите, во судската достава, на можноста за многубројни приговори и прекини од страна на должникот и неговата фаворизирана положба, на недоволна техничка опременост и материјална и кадровска екипираност на одделите за извршување во судовите. Согласно со реформите во судството, Законот за извршна постапка од 1997 година е заменет со  Закон за извршување и обезбедување, со чија примена би требало да се зголеми ефикасноста во донесувањето на судските одлуки.

“Една работа мора да е јасна. Без новиот закон за судови и негова примена, кој би го регулирал севкупното работење на судовите, другите регулативи практично немаат значење, би­деј­ќи не може да се имплементираат без измени во основниот закон - Законот за судовите”, потенцира Цветковски.

Јасно е дека кога се зборува за реформите во судството пред с$ се мисли како да се дојде до она што значи независно судство, но потоа се наметнува и друга дилема: Колку нашето судство, со ваков кадар, со вакви потенцијали, е спремно да биде независно?

“Сите треба да сфатиме, нема демократија без независно судство. За организацијата, судството има власт. Власта има три елементи: сила, моќ и материјална сила. Што има од ова судството, а другите власти го немаат? Обратно, сите други имаат, а судството како власт нема ниедна категорија од овие. Нема пари, нема материјална положба, нема моќ, ја нема моќта што ја има полицијата. На судството моќта му е потребна во судницата, не за да ја примени силата надвор од неа. Ако не го сфатиме ова, нема независно суд­­ство”, рече професорот д-р Љупчо Арнаудовски на работилницата “Наци­о­нална реформа на судството”.

“Постојано се истакнуваат три вида не­за­висност на судството. Првата е индивидуална, онаа што треба да ја има судијата. Втората е независноста која­што треба да ја има судијата во однос на судот и својата фела, а третата и нај­важна е независноста во однос на дру­гите власти”, објасни Арнаудовски.

 

Како да се отпочне со вистински реформи во судството?

Поразителен е фактот дека никаква сериозна иницијатива не потекнува од самите судии, во која би се опишале потребите на вработените во судската власт за некакви промени. Дали тоа значи дека кругот на злоупотребата и корупцијата во судството е на толку високо ниво, што ја прегазило професионалната доблест на судиите и дигнитетот на професијата?

“Не, не веруваме во тоа, мислиме дека инерцијата на судиите е само дел од општата инерција во општеството и од не­поз­на­ва­њето на моќта на јавниот збор и организираната акција”, истакнува Александар Цветковски. “Тој страв ќе исчезна кога нештата ќе почнат да се одвиваат. Наше мислење е дека ако некој започне една кампања, на која крајна цел & е реформа на судството, судиите ќе се вклучат во неа и реформите ќе се случат”, додава Цветковски. Проектот е завршен , а запрашан за тоа какви се резултатите, Цветковски истакнува дека проектот расчисти со тоа дека постои “модел за реформа”, моделот ќе биде една од можностите. “Тоа ќе зависи од односот на силите ‘про’ и ‘контра’ за учеството на политиката во селектирањето и изборот на судии”.

Како една од придобивките на про­ектот тимот на АГТИС го истакнува и фактот што сега судските инстанци се многу повеќе ин­фор­мирани за реформските про­це­си, а е зголемен и бројот на оние кои се вклучени во реформите. “Непристоен предлог до судството” придонел да се про­збори гласно за некои работи коишто досега се сметаа за “внатрешни работи” на судството и на политиката, предизви­кал дискусиски процес, или барем го збогатил оној кој се развивал напоредно со проектот.

“Драго ни е што проектот придо­несе да се слушнат голем број квалификувани мислења и да се отворат многу прашања. Про­ектот покажа дека гра­ѓан­ски­от сектор мора да биде при­су­тен во сложените реформски процеси, кои не можат на друг на­чин да бидат контролирани, ос­вен со директно инволвира­ње и застапување граѓански интереси”, истакна за крај Александар Цветковски.