избор

“Т’га за југ”, нежен мамурлак и слатка жал по татковината

Со “Т‘га за југ”се остварува еден важен комунистички идеал: сиромаштијата веќе не ја боли главата!

„Т’га за југ” во Хрватска повторно се појави есента 1998. Беше тоа знак дека големите балкански војни одат кон својот крај, де­ка доаѓаат времиња на помирување, ужичкиот кајмак, трав­нич­кото сирење, пиперките и патлиџаните созреани под сончевиот благослов на земјата Македонија.

Но, доаѓањето на „Т’га за југ”, црното вино од грозје од сортата вранец од непрегледните тиквешки лозја значеше нешто повеќе од обичниот идеолошки код и пофалба на хедонизмот на источ­ни­те републики на поранешна Југославија. Имено, таа 1998 г., ши­ше „Т’га за југ” чинеше само 17 куни. Иако поз­на­ва­чите на ви­ното, сомелиерите, винските хроничари и експертите пре­з­ри­во ќе одмавнат на спомнувањето на едно конфекциско вино и неговата цена, факт е дека за тие пари во Хрватска човек не можеше подобро да се напие. А не може ни денес, кога „Т‘га за југ” е поскапо за десетина куни.

Ква­литетот на секое пијанство на рајата, се разбира, се про­це­ну­ва утредента изутрина, во моментите на мамурлак, кога душата се одвојува од телото, а секое нормално човечко суштество го моли Бога да го земе кај себе и да го ослободи од понатамошни маки.

Мамурлакот е впишан во суштината на секое ло­шо црно вино, повеќе от­кол­ку што е тоа случај со другите пијачки. „Т‘га за југ” ни по второто испи­е­но шише не остава по­се­ри­озни последици по гла­вата и желудникот. А тоа би требало да значи дека Македонците сво­е­то најдобро вино го про­из­ведуваат главно од гроз­је.

Работниците, селаните и студентаријата локаат ка­­ко ѕверови и многу е веројатно дека тоа сиромашно исто­ч­но­ев­ропско мнозинство е константно мамурно. Богаташите исто така пијат, се убиваат со алкохол и се бетонираат со кокаин, но нивното богатство ги ослободило од мамурлак.

„Т‘га за југ” е пивко и лесно, посебно ако не сте фиксирани за не­говиот вински идентитет, но поважно е тоа што преку нго се остварува еден важен комунистички идеал: сиромаштијата веќе не ја боли главата!

Но, се разбира, постојат и такви кои им прави мерак везден да се главоболни но, од патриотски причини, ги преферираат хр­ват­ски­те отрови наместо македонските вина. Да бидеме искрени: за цената на „Т‘га за југ”, освен отров, кај нас и ништо друго не може да се купи.

Но, во популарноста на виното кое името го добило по една од најважните песни во македонската книженост, постои и нешто што би можело да се нарече копнеж по младоста на средовечните хрватски мажи. Имено, „Т‘га за југ” беше конфесионална пи­јач­ка на сите оние кои служеа војска во Македонија, или таа репу­бли­ка ја посетуваа за време на училишните екскурзии, семи­на­ри­те по општествено книговодство, лекарските конгреси во Охрид и Струга... Со неа, во седумдесеттите и осумдесеттите, покрај најдобрата скара на светот, лутеницата и печените модри патлиџани, се дигаа чаши и се наздравуваше за братство и еди­н­ство.

Ако по „Т’га за југ” не останува мамурлак, човек станува мамурен од сите тие спомени на младоста која никогаш повеќе нема да се вра­ти и која никогаш не била толку убава колку што е денес во сеќа­вањата. Затоа е помудро ова вино да се пие само заради опивање, а не како задушница над сопствениот гроб. Или да се испие само една чаша, па да се отиде еднаш во неподносливо убавата земја Македонија и повторно со „Т’га за југ”, да се по­чувствува слатка тага за татковината.      

(Миљенко Јерговиќ за мајското хрватско издание на Плејбој)