Работилница за родови и сексуални политики
Недостаток на родова сензитивност на универзитетот
Македонската асоцијација за слободна сексуална ориентација (МАССО), во соработка со Истражувачкиот центар за родови студии на Филолошкиот факултет, одржа работилница на темата „Родови и сексуални политики”. Причина за одржувањето беше флагрантниот недостаток на родова чувствителност во програмите, недостатокот на родови прашања во биографиите на Универзитетот, но и постоечките критики упатени до голем број врвни интелектуалци што го креираат мислењето на огромен број „академски ѓраѓани” кои истапуваат со вчудоневидувачки сексистички изјави.
Целта на работилницата беше првенствено отворање дебата во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, развивање на свеста за родовите и сексуалните прашања меѓу студентите и професорите, за да му се даде интелектуална и издржана основа на целокупниот активизам за правата на жените и правата на луѓето ЛГБТК.
Учесниците имаа можност да ги слушнат презентациите на проф. д-р Елизабета Шелева - „Сексуални/родови политики во текстот”; д-р Сузана Милевска - „Патријархијата и пенетрацијата”; д-р Катерина Колозова - „Воведување на критиката на родот во класичните академски дисциплини”; и, м-р Жарко Трајановски - „Антидискриминаторски политики”.
Беше нагласена потребата од заштита на човековите права во државата и актуелизирање и почитување на истите. Беше посочен и примерот на многу универзитети во Европа и пошироко, каде во студентските кампови се води борба за елиминирање на дискриминацијата врз луѓето ЛГБТ.
|
|