Предавање

Перспективите на Балканот

Во организација на Францускиот културен центар, во просториите на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, на февруари, главните уредници на „Кујре де Балкан”, Жан-Арно Деренс и Лоран Жеслен, одржаа предавање на темата „Балканот: Нови разединувања или европска интеграција?”. Конкретен повод за предавањето беше појавувањето на книгата „Да се разберат историјата, општеството и перспективите на Балканот”, која Жан-Арно Деренс и Лоран Жеслен ја објавија на француски јазик. Лоран Жеслен наведе неколку причините за објавувањето на книгата, меѓу кои основните се нивното повеќегодишно присуство на балканските простори, проблемите со кои се соочува Балканот и непознавањето на Балканот од страна на голем број граѓани на Европската Унија за кои Балканот е синоним за насилство. Целта на објавувањето на книгата е да се објаснат актуелните политички и општествени состојби на Балканот со препораки во кои се опфатени историските, социјалните и културните аспекти за балканските состојби. На предавањето авторите на книгата истакнаа дека Балканот повеќе е идеолошки отколку што е географски термин и дека прв пат терминот балканизација бил употребуван во периодот на распаѓањето на Отоманската Империја. Во современиот контекст на балканските состојби Жан-Арно Деренс го нагласи парадоксот на општата сеприсутност на минатото на овие простори и дека идеологијата базирана на минатото секогаш ќе предизвикува конфликтни состојби.

Инаку, „Курје де Балкан” е електронски весник за актуелните случувања на Балканот. Неговиот основач и главен уредник Жан-Арно Деренс е дипломиран историчар кој живее на релацијата Париз-Белград, дописник е на неколку европски медиуми и досега ги објавил книгите „Да се разбере Балканот”, „Косово, нулта година”, „Балканската криза” и книгата „Југословенските конфликти од А до Ш”, во која е коавтор заедно со Катрин Самари.

Т.Д.