НВО Саем: Организациски одбор

Пленарна сесија: “Вистините и заблудите во граѓанскиот сектор”

Форумската расправа, посветена на “Вистините и заблудите во граѓанскиот сектор”, се одржа последниот саемски ден. Воведничари во темата беа Ило Трајковски, професор на Филозовскиот факултет, Трајко Славевски, професор на Економскиот факултет и Сашо Клековски, директор на МЦМС. Претседавач - Мирко Спироски.

Воведничарот, Ило Трајковски, се осврна на дилемата врз основа на кои критериуми би се извршила класификација за тоа што се вистини, а што заблуди, зашто во плуралното општество не постои само еден критериум за нивно дефинирање. Според него, најголема заблуда е именувањето на овој сектор како “граѓанско општество“, бидејќи тој е внатрешно разробен, сите негови чинители имаат различни цели и само така ќе продолжи да опстојува. Разликите се гледаат и во нееднаквото именување на овој сектор. Така, за едни тој е “филантропски”, за други – “непрофитен” и не постои еден стожер, околу кој би ротирале неговите чинители, зашто сите сакаат да постигнат различни цели.
За професорот, Трајко Славевски, парадоксално е што подолго време е во тек процес на цветање на граѓанскиот сектор, а од друга страна е се’ поочигледно дека кај граѓаните постои процес на сецесионизам, на повлекување во себе, неактивност и неподготвеност за соработка, надвор од домашниот праг.
Сашо Клековски, во своето воведно излагање рече дека контроверзите и разликите потекнуваат од начинот како ја гледаме улогата на граѓанските организации и од каде потекнуваат тие, нагласувајќи дека многу лесно ги отфрламе искуствата од социјализмот.
Во однос на обвинувањата на граѓаните за трошење странски пари, тој го посочи извештајот на УСАИД, во кој се наведува дека од постојните 5.300 здруженија на граѓани, само 300 организации имаат пристап до финансиите на американските и европските донатори. Тој, исто така, се осврна и на односот на партиите кон граѓанскиот сектор, во зависност од тоа дали се позиција или опозиција. Така, партиите кои се на власт, во почетокот ветуваат многу и имаат добра соработка со овој сектор, но критиките растат кон крајот на нивниот мандат.
Сепак, тој посочи дека најголем простор за критика лежи во граѓанскиот сектор и во неговата неможност да објаснат и да влезат во полемика за расчистување на дилемите и стереотипите. “Постои јасна потреба за поттикнување дебати, јавни расправи и поточни ставови за местото и улогата на граѓанските асоцијации”, рече на крајот Клековски