ПРЕтставување

ДВИЖЕЊЕ ЗА КУЛТУРА НА ЖИВЕЕЊЕТО 

Позитивно изградувањена човековата личност

Здружението на граѓани Движење за култура на живеењето од Скопје постои повеќе од една година. Својата цел, основачите на ова здружение ја гледаат во позитивното изградување на човековата личност во поглед на зачувување и унапредување на психо-физичкото и духовното здравје, меѓусебните и меѓуетнички комуникации, односот кон животната средина, културните вредности итн.
Активностите кои здружението ги спроведува од март 2000 година па до денес се групирани во четири сектори: 1) заштита на човековата околина; 2) работа со млади; 3) женски прашања и 4) заштита на здравјето.
"Движењето за култура на живеењето дава поддршка но не ретко е и носител на многубројни активности од областа на заштитата на човековата околина", ни изјави претседателот на ова здружение д-р Олгица Ѓоргеска. "Нашите активности од овој сектор, најчесто се сконцентрирани на трианглата "Маџари" во Скопје. Спроведовме повеќе локални акции за чистење во соработка со Основното училиште "Наум Наумовски Борче", посадивме млади садници покрај автопатот, а ја поддржавме и изградбата на тротоар на улицата Антон Попов притоа", додаде д-р Ѓогеска.
Движењето за култура на живеењето може да се пофали со подмладок кој е доста активен. Тие одржуваат редовни средби на кои со поканетите гости дискутираат на теми кои се од интерес за младите луѓе и нивиот живот. Една од традиционалните активности што воглавно ја спроведува подмладокот на здружението е младинскиот летен камп "Матка" кој има едукативно-еколошки карактер.
Работата во делот на женските прашања д-р Ѓоргеска ја опишува како дружење и патување но не само туристичко туку и едукативно. "Екскурзиите што ги организираме за жените", објаснува д-р Ѓоргеска, "се обидуваме да ги направиме што е можно поинтересни. Така, викендот во Бања Банско (едно од патувањата) го искористивме и за предавање на тема здрава исхрана, потоа, патувањето до Лесновскиот манастир го искористивме за запознавање со дел од културата и традицијата на нашата земја и нашиот народ, а имавме можност да проследиме и концерт на духовна музика, патувањето до Ќустендил не беше само шопинг-тура туку и посета на манастирот "Св. Јоаким Осоговски" и некои други знаменитости."
Движењето за култура на живеењето спроведува повеќе активности чија цел е промоција на здравата исхрана и заштита на здравјето. Во соработка со Клиничкиот центар во Скопје се спроведува проектот за унапредување на исхраната на пациентите и дежурниот персонал, потоа, се одржуваат и тематски предавања на пример за проблемите со кравјото лудило, за штетноста од пасивното пушење и тн.
Движењето за култура на живеењето своите активности ќе ги продолжи во истите правци како и до сега, обраќајки им се на повеќе популациони категории од сите возрасти, професии и социјални средини.
Г. Јаковлеска