ВОВЕД
Септември, нов почеток
Привршува едно жешко лето. Ноќите се постудени, а дење полесно се дише. Дали се постудени и главите? Не нашите, туку оние усвитените. Дали нашите студени глави (да се надеваме дека си уште ги има во значителен број) ќе успеат да ги оладат оние вжештените? Некако, отсекогаш ми се чинело дека со септември, а не јануари, почнува новата година. Не онаа календарската, туку животната. Можеби заради школската година, зимницата, подготовките за да се помине еден период до наредното лето и до наредниот септември. Многу искуства покажуваат дека и војните завршуваат во постудените денови. Можеби отежнатите услови за војување ги ладат и вжештените глави. Да се надеваме дека септември ќе биде нов почеток за сите, не само за првачињата и другите ученици и студентите. Само што и за нив и за нас, возрасните, тешката лекција за војната и мирот се одвиваше летово. Ја научивме, белки. Време е да почнеме одново да го практикуваме секојдневието. Онакво какво го имавме и врз него да надоградуваме, да го правиме подобро, побезбедно, побогато, посовремено, послично со европското. Иако и ова нашево е европско (не сме ниту американци, ниту африканци), но на наш, балкански начин. Но и балканскиот начин треба да се промени. Да се промени она лошото, кобното во него, а да остане она убавото балканско, со сите негови традиции, различности, богатства на бои и мириси кои ги создаваат различните култури кои опстојувале и ќе опстојуваат тука. Септември нека биде месец на поголемо граѓанско ангажирање, на јакнење на принципите кои ќе не носат напред а не наназад. Граѓанските организации отсекогаш буткале нанапред. Многу често, тоа било сизифовско буткање, но исто така многу често имавме и постигнувања. На оние помалиоте се надоврзуваа поголеми, и така, тула по тула, ја градевме градбата на граѓанското општество. Да не дозволиме да ја урнат гранатите. Зошто, тешко ја градевме, а уште не сме ја ни завршиле...
*****
Во овој, септемвриски број на „Граѓански свет” сакавме да ве потсетиме на секојдневието. На проблемите со нарушувањето на животната средина, кои треба да ги решаваме, на потребата да се едуцираме, на добротворството, на волонтерството, на хуманоста, на културата на живеењето. Ве потсетуваме на нашата сограѓанка која својот живот го посвети на волонтерската и хуманата работа – Гонџа Бојаџиу која поради својата пожртвуваност и големото животно дело е предложена да влезе во редот на светите. Информираме и за една светла точка во бегалста епопеја на арачиновци – донесувањето на свет на уште едно бебенце во Прифатилиштето на „Меѓаши”. Претставуваме неколку публикации кои потекнуваат од невладиниот сектор, а кои се надеваме ќе го поттикнат и зајакнат убавото и хуманото во вас. Таков ефект сигурно ќе предизвика и текстот на г. Владимир Милчин, кој во овој број гостува во „Граѓански свет”. Во овој број објавуваме и две пошироки мислења кои ги поттикна прашањето поставено на форумот на нашите веб-страници: „Дали волонтерството сe уште живее тука?”. Тања Станковиќ и д-р Мариа Доневска, кои со своите текстови гостуваат во нашиот весник, нудат мошне интересни податоци и размислувања за волонтерството „на наш начин”. Како контратежа, во рубриката „Избор” нудиме текстови кои покажуваат и туѓи искуства од функционирањето на граѓанскиот сектор. Мислите на двајцата мудреци – Софокле и Сент-Аугустин, кои ги избравме за овој број на „Граѓански свет”, нека ве поттикнат на размислување. За човекот како едно од најубавите чуда на овој свет, но и за неговите гревови, од кои најтешките се оние кон сопствените браќа...
Маријана Иванова
|