ВО АРХИВСКАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Богата традиција на граѓанско здружување

Доволно беше, благодарение на љубезноста на службениците во Државниот архив на Република Македонија, да ги разгледаме регистрите на фондовите и збирките, за да се запознаеме со богатата традиција на граѓанското здружување и граѓанскиот активизам што постоел со векови наназад. Иако поинаку се нарекувале, организирале и функционирале, тие друштва се базирани на многу слични принципи, а веројатно и програми, како и денешните граѓански здруженија.

Во документацијата на Архивот се регистрирани разни еснафски здруженија (Еснаф на бакалите од Битола, Здружение на градежните предузимачи од Скопје), хуманитарни друштва, културно-просветни и научни друштва (Географско-етнографско друштво „Јован Цвијиќ“ од Скопје, Македонски литературен кружок од Софија, Здружение на глумците на Кралството Југославија - секција Скопје) и повеќе други (Македонска патриотска организација во САД, Друштво „Обединета Преспа“ во Австралија, здруженија на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија во Канада, Австралија, Романија)…