Здружение на инвалидите на трудот од Радовиш

Намален бројот на непристапни објекти

Здружението на инвалидите на трудот, заедно со партнер-организацијата Меѓуопштинско здружение на телесноинвалидизираните лица, успешно го реализира проектот „Отворете ги вратите за нас”, финансиски поддржан од ФАРЕ-СЕЕ, Хендикеп интернационал, одделение за меѓународен развој на Велика Британија - ДФИС и Европската комисија, преку Европската иницијатива за демократија и човекови права.

Лицата со попреченост кои живеат во општината Радовиш и општината Конче секојдневно се соочуваат со сериозниот проблем на непристапност до институциите во општините Радовиш и Конче. Истражувањата покажаа дека проблемот со непристапноста е речиси 100% нерешен, не само на ниво на локални институции, но и на ниво на приватни институции (банки, шопинг-центри, ресторани и др.).

Околу 1000 лица со попреченост кои живеат во општината Радовиш и општината Конче не можат да посетат културен настан, не им е овозможено сами да изнајмат книга, не можат да отидат на некој спортски настан, тие немаат пристап до новите технологии на комуникација (компјутери и интернет), оние кои се надвор од нивните домови исто така не можат да извадат потребни документи од локалните институции, бидејќи немаат пристап ни до нив. Со овој проект беа изградени пристапни рампи за лицата со попреченост во Центарот на културата „Ацо Караманов” и градската библиотека „Браќа Миладиновци”, како и во аптеките во градот. Преку ТВ и радиоспотови и флаери се дејствуваше на подигање на јавната свест кај граѓаните. При реализација на проектот беа вклучени: правник, социјален работник, преставници од општината, волонтери и други членови од двете здруженија.

В.Т.