Донација на Космофон

Гостивар доби забавен парк за деца

Гостивар доби забавен парк за деца, на површина од 800 квадратни метри, донација од Космофон. Во него се поставени комбинирани реквизити наменети за деца од предучилишна и училишна возраст и претставува прво вакво место за забава на најмладите жители на овој град.

Неговата локацијата е во Градскиот парк, а истата ја обезбеди општината Гостивар. Градоначалникот Невзат Бејта, на чинот на отворањето на игралиштето му се заблагодари на Космофон за донацијата. Тој нагласи  дека детското игралиште е само дел од соработката на локалната самоуправа со компанијата.

Игралиштето, кое веднаш стана омилено место на најмладите гостиварци, содржи богат избор на рекреативни реквизити наменети за развој на физичката кординација, сила и флексибилност кај децата, како и за рекреација и забава. Содржи и посебни катчиња за најмалите деца од предучилишна возраст и за поголеми деца до 14 години. 

Претставниците на Космофон, при отворањето на игралиштето, нагласија дека не е важна финансиската висина на донацијата, туку нејзината општествена корисност и посветеноста на компанијата да работи во интерес и за доброто на граѓаните. Овој пат, главните корисници се децата на Гостивар и неговата околина, кои добија модерно, богато опремено и безбедно место за играње.

„Со оваа донација Космофон уште еднаш ја потврдува својата општествена одговорност, како компанија која постојано учествува во разни области кои се од значење за заедницата”, изјави Емилија Трајковиќ-Христова, одговорна за односи со јавност во Космофон, притоа нагласувајќи дека ова е прва донација од ваков вид и дека наскоро компанијата ќе донира слични проекти и во другите градови во Македонија.

Наскоро, според Христова, ќе биде отворено и слично игралиште во скопската општина Гази Баба, а во иднина и во неколку други градови во Македонија. Таа најави дека во текот на септември Космофон ќе & донира и најпотребен потрошен материјал на Клиниката за гинекологија, наменет за предверемено родените бебиња. Се работи за лекови и опрема вредни близу 30.000 евра.

Во октомври, пак, во соработка со Црвениот крст, ќе биде отворен и првиот Шелтер центар за бездомници во Скопје, каде на овие лица ќе им биде понудена храна, лекови и медицинска помош, место за капење и перење на облеката, но не и место за преноќување.

С.Н