Организираната заедница и нивниот свештеник досега прифатија 97 деца

“ДОАЃАА ОВДЕ ДА НАЈДАТ ЉУБОВ!”

На денот на “Св. Петар и Павле” во малата црква во се­ло­то Вала Попули во Романија беше многу свечено. Служ­­бата се случуваше во дворот на црквата, кој бе­ше преполн со луѓе. Она што му паѓаше во очите на оној што нема многу информации за се­лото е големиот број де­­ца наспроти малиот број возрасни. Тие не личат како да се бра­ќа и сестри, некако се на мно­гу слична возраст, многу раз­лич­ни физички… Но, си велите, мо­же­би само си замислувам. А потоа пак се фаќате како ги анали­зирате жителите на Вала Попули облечени во свечена облека, ка­ко ја следат службата.


Мисијата на отецот Николас Танасе

Отецот Николас Танасе е голем противник на абортусот. Неговата мисија е да ги убеди идните мај­­ки да ги родат своите деца на­ме­сто “да се ослободат од нив”. Ако немаат услови на друго место, тие можат да ги родат своите де­ца овде, во Вала Попули. Дали и понатаму ќе останат со нив е нив­­на одлука. Доколку решат да ги напуштат децата, оваа заедни­ца ќе се грижи за нив.

Навистина звучи неверојатно. Ка­ко засолниште.

“Во почетокот само зборувавме против абортусот”, вели оте­цот Танасе. Не планиравме да носиме деца тука, но же­ните започнаа да ги напуштаат своите деца”, вели отецот. “Тогаш бремените жени доаѓаа, не за материјална по­мош, туку да најдат љубов тука”, додава тој, полека галејќи ја својата долга брада.

Маркантната појава на отецот Николас Танасе не може да не ви го окупира вниманието. Во дворот на црквата, кој со ед­но  преместување на дрвената ограда се спои со дворот на соседната куќа, беа поставени големи маси за ручек. Тој н$ покани да им се придружиме на другите гости. Додека до­маќинките го нудеа она што нивните умешни раце го на­пра­виле за тој ден, а децата трчаа наоколу обидувајќи се да помогнат, отецот Танасе ни раскажа како го донел првото дете во Вала Попули.  

Луцијан Цизмару бил стар само дванаесет дена кога мајка му го доверила на нејзиниот селски свештеник, кој контактирал со отецот Танасе и го замолил да му најде дом на де­те­то. Отец Танасе пропатувал неколку стотини километри со новороденчето во картонска кутија ставено на задното седиште на неговиот стар автомобил. Следното утро тој го довел детето во црквата, го ставил во топлиот кош на црквата, пред да започне со литургијата.


Реакциите на заедницата

“Како што пеевме тоа утро, слушнавме бебешко плачење”, вели Марија Цизмару, жителка на Вала Попули. “Неколкумина луѓе притрчаа до прозорецот затоа што мислевме дека плачењето до­а­ѓа од снегот. Тогаш го видовме детето во кутија”! Марија го пра­шала отецот по литургијата дали може да го земе бебето дома. Марија, мајка на четири деца и жена на земјоделец, не била сигурна како нејзиниот маж, Јон, ќе реагира на уште една уста за хранење. Седум години подоцнаа, Луцијан е с$ уште нејзино дете.

Отпрвин соседите во тоа традиционално село не ја одобрувале пос­тапката на Марија. “Мажите го прашуваа мојот сопруг како мо­же да расте туѓо дете”, вели Марија, вртејќи тажно со главата. “Многу не озборуваа”. За Марија, пак, Луцијан е дар од Бога.

“Кога бев млада, имав абортус. Чувствував многу вина поради тоа”, признава Марија. “Се молев и се исповедував со месеци, ама не се чувствував подобро. Кога пристигна Луцијан, отецот Танасие ми рече: “Бог ти го испраќа детево како знак на простување. Денес Луцијан е наш син. Не би можела никогаш да го дадам назад. Многу го сакаме”.

Прифаќањето на Луцијан од страна на Цизмаруви беше искрата на трансформација на Вала Попули. Денес, повеќето семејства овде се грижат за 97 напуштени деца и им обезбедуваат морална под­дршка на самохраните мајки кои доаѓаат и остануваат во се­ло­то. Тие добиваат мал надомест од отецот Танасе што тој пак го обезбедува мобилизирајќи средства од деловниот сектор и од дру­­ги донатори. Сепак, велат тие, парите не се нивната мотивација.

Вала Попули се променило откако жителите започнале да работат со отецот Танасе. “Ние сме обединети со заедничка цел - да им помогнеме на овие деца и на бремените мајки кои бараат за­сол­­ниште во нашето село”, велат тие.


Детското село

Отецот Танасе и луѓето ок­олу него ја основале гра­ѓан­­ската организација Про вита. Таа организација понатаму мобилизира и чо­в­ечки и материјални ресурси со коишто им се помага на децата. Целта на све­штеникот станала цел на сите во заедницата. Отецот Танасе го разбудил гра­ѓан­скиот активизам, ги мо­ти­вирал луѓето, го извле­кол хуманото од нив за да мо­же да им го даде на децата на кои толку многу им било потребно.

Не­далеку од селото из­гра­де­ни се неколку двокатни куќи во коишто се сместени дел од децата.

Тринаесетгодишниот Џорџе го запознавме во црковниот двор. Тој ни правеше друштво додека дојдовме до нивната мала насел­ба. Малку скржав на зборови кон дојденците, Џорџе ни кажа дека е тука веќе осум години. Оди во основно училиште и сака да продолжи во средно полициско и да биде полицаец. Неговите постари сестри, близначките Алина и Флорентина, исто така жи­веат во оваа населба. Тие учат во средното теолошко учи­лиш­те. Тука се откако починал татко им. Нивната мајка решила нив трој­цата да ги смести во Вале Попули затоа што не можела сама да се грижи за сите седум деца. Тие ја посетуваат мајка им и се­меј­ството за време на празниците. Велат дека се задоволни овде. 


“Во моментов во селото се сместени 50 деца”, ни раскажа директорката на Про вита. “Вработени се 4 лица, а бројни волонтери се грижат за децата”, додаде таа.

Животната мисија на отецот Танасе привлекува многу студенти кои доаѓаат овде и кои волонтираат. Поминуваат неколку месеци грижејќи се за децата. Тоа не е случај само со луѓето од овој крај, Про вита и она што се слу­чу­ва во Вала Попули е познато во це­ла Романија, па доаѓаат луѓе од секаде.

***

Про вита и Вала Попули ги посетивме како успешен пример за мо­билизација на ресурси и тие навистина се тоа. Сиромашната за­­ед­ница водена од отецот Николас Танасе успеала да се мобилизира и да ги прифати оние што имаат потреба, да им го даде тоа што им е неопходно и уште по­ве­ќе, да им даде дом којшто ќе го чув­ствуваат како свој и љубов која­што им била ускратена.