ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЕДНО ГРЧКО И ТРИ МАКЕДОНСКИ ЗДРУЖЕНИЈА

Промовиран регионалниот проект Балкан нет

На 17 мај, годинава, во просториите на Клубот на пратениците во Скопје, со поздравна реч на заменик-министерот за животна средина г. Марјан Додовски, четири здруженија на граѓани го промовираа регионалниот проект на насловен како Балкан нет.

Балкан нет е проект координиран од здружението Арктурос од Солун, соседна Грција, во кој учествуваат Новинарско-правниот енвиро центар од Скопје, Македонското еколошко друштво (МЕД), исто така од Скопје, и Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ), Скопје. Проектот е замислен да функционира како мрежа на повеќе граѓански организации од земјите од регионот, односно од Македонија, од Грција, од Албанија, од Бугарија и од Југославија, а има за цел да ги заштити големите карнивори (шумските ѕверови-месојадци) на Балканот, конкретно мечката, рисот, волкот и шакалот.

На промоцијата грчкото здружение Арктурос и трите здруженија на граѓани од Македонија, учеснички во проектот, презентираа дел од досегашните активности спроведени во изминатиов период, како што се научни истражувања, едукација, подигнување на јавната свест, улогата на јавните медиуми во конзервација на животната средина, сегашната конзервација на природата и можноста за идна регионална соработка, законските основи за заштита на големите карнивори итн.

Проектот е поддржан од Европската унија.

Како гостин, на промоцијата учествуваше Здружението за заштита на животните Срна од Скопје, кое ја презентира иницијативата за донесување закон за заштита на животните.


Д. М.