Здружение за помош на социјално исклучените лица “Скорпион”

Јас и ти против семејното насилство”

Во организација на Здружението за помош на социјално исклучените лица и ризични групи Скорпион, во соработка со организациите на жените „Китка”, „Орхидеја”, „ЖЕ-НА”, потоа, Центарот за деца и млади и Здружението на граѓани Татковци за правда, се одржа едукативната трибина „ЈАС и ТИ против семејното насилство”. На трибината, пред присутните, зборуваа: Душко Миновски, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, Ленче Михајлоска, од Центарот за социјални работи Прилеп и Дивна Змејкова, од Организацијата на жените на град Скопје. Иако досега семејното насилство беше табу-тема, во поново време за него с$ поотворено се зборува. Во таа насока беа и податоците од работата на Националната СОС-линија за жртвите од семејното насилство. „Зголемен е бројот на јавувања”, рече Змејкова. „Најчесто се јавуваат жени на возраст до 40 години кои се малтретирани од својот сопруг или свекор. Од 2005 година па до денес за помош се имаат обратено околу 1500 лица”, додаде таа. Потребни  се  едукативни  кампањи, давање емотивна и морална поддршка  на  жртвите, давање здравствени  услуги, правна помош, казнување на  насилниците итн.

Беше направен осврт и на законската регулатива која го опфаќа семејното насилство. Со Законот за семејство и со Кривичниот законик во кои се третира и санкционира семејното насилство им се дава голема правна сигурност и заштита на жртвите на насилство, а со зголемените казни може да се дејствува превентивно врз потенцијалните насилници за да не извршат семејно насилство.

Г.Ј.