Поврзување на религиите во Македонија

Семинар на тема “Меѓуверски дијалог”

Во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и во соработка со Богословскиот факултет ”Св. Климент Охридски” и Факултетот за исламски науки – Скопје на 13 септември 2004 година, се одржа еднодневен семинар на тема “Меѓуверски дијалог”.

Предавања на семинарот одржаа предавачите Лиси Расмусен и Сафет Бектовиќ од Исламско–христијанскиот студиски центар од Копенхаген – Данска, а со свои излагања учес­т­ву­­­ваа и повеќе про­фе­сори од двата теолош­ки факултета. Семинарот за­­почна на Факултетот за исламски науки (ФИН), а про­дол­жи на Бо­го­словскиот факултет (БФ).

Претпладневниот дел од работата на семинарот се одвиваше во просториите на Факултетот за исламски науки. Поздравен говор и вовед во семинарот дадоа деканот на ФИН д-р Исмаил Бардхи и продеканот на БФ д-р Јован Таковски.

Деканот д-р Исмаил Бардхи ги поздрави присутните и почетокот на семинарот со зборовите: “Соочувањето со оваа тема, освен поуката и љубовта, ја подразбира и нашата одговорност кон религиозната култура и нејзината важност во мултиконфесионално општество. За кратко време докажавме дека знаеме да соработуваме, без оглед на разните тешкотии. Двата теолошки факултета, исламскиот и богословскиот, покажаа висока зрелост, умешност и знаење за поширока и подлабока соработка со единствена цел да ја сочуваме чистотата на верата и да ја развиеме религиозната култура која таа ја содржи во себе.”

Во својот поздравен говор продеканот Јован Таковски истакна дека “овој собир е уште една можност да бараме начини и форми за натамошна взаемна соработка се со цел за унапредување на нашите односи како факултети, но и да помогнеме во унапредување на односите меѓу нашите народи”.

Се одржа и панел-дискусија на тема “Националноста во плуралистичко општество - односот помеѓу државата и црквите и верските заедници (различни типови секуларни општества)”.

Попладневната работа на семинарот продолжи во просториите на Богословскиот факултет со предавањето на Лиси Расмунсен на темата “Зошто меѓуверски дијалог?”. Преку предавањето, истакна таа, дека како религиозни луѓе, индивидуалци и заедници, имаме одговорност да работиме за општото добро, против употребата на верскиот идентитет за отфрлање на другите.

По предавањата следуваше презентација на тема “Како може христијаните и муслиманите да комуницираат и работат заедно?”. Предавачите од Данска, Лиси Расмунсен и Сафет Бектовиќ ги презентираа искуствата од работата на Исламско-христиј­анскиот студиски центар. Прилог за искуствата од Македонија даде и Ацо Гиревски со излагањето “Христијанството и исламот”.

Семинарот го следеа поголем број студенти и професори од двата теолошки факултета и гости од црквите и верските заедници од Македонија.                                                                   

М.К.


Отворен меѓурелигиски инфо и дијалог-центар

Новоотворениот Инфо и дијалог-центар е дел од програмата ПРМ. Инфо и дијалог-центарот содржи библиотечен фонд со религиозна содржина и претставува можност за подобро информирање и запознавање со религиите во Македонија.

Центарот, со донации од книги, го збогатија Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Еврејската заедница, Евангелско-методистичката црква, како и другите верски заедници во Македонија.

Заинтересираните граѓани можат да го посетат Меѓурелигискиот инфо и дијалог-центар на ул. ”Мито Хаџивасилев-Јасмин” бр. 18, блок 7, локал 3. Дополнителни информации можат да се добијат на телефонот 02/3230-044.