Во БудимпеШта одрЖана Конференција ЗНАЧАЈНА за развојОТ на граЃанските организации

Законот ги потикнува организациите да станат транспарентни и отчетни кон оние кои ги насочиле средствата


Емина Нурединоска

„Процентна филантропија - 1% закон“ беше тема на конференцијата која се одржа во Будимпешта на 19 и 20 јануари годинава, во организација на Непрофитниот инфор­мациски и обучувачки центар (НИОК) од Будимпешта. На конференцијата учествуваа претставници на граѓански организации, надлежни државни институции и експерти од повеќе од 15 земји од регионот и Европа (Унгарија, Словачка, Полска, Литванија, Романија, Молдавија, Естонија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора, Босна и Херце­говина, Бугарија, Холан­дија, Велика Британија, Маке­до­нија).


Што претставува 1% законот? Зошто е усвоен овој закон во некои од државите? Кои прав­ни инструменти постојат во земјите што го применуват законот и по што се разли­куваат? Како функционира законот во пракса? Кои се придобивките од вакви за­кони? - беа дел од прашањата на кои се расправаше на кон­ференцијата, во чии што рам­ки се организираше и дополнителен соста­нок наменет за учесниците од земјите, заинтересирани за воведување на законот. Учесниците беа информирани дека врз основа на пријава и образложение за потребата од воведување на „Законот 1%“, НИОК ќе обезбеди техничка поддршка при иницирањето и имплементирањето на законот во три земји од регионот.

Во постоечкиот облик „Законот 1%“, прв пат е воведен во Унгарија во 1996 година, со цел потикнување на развојот на граѓанското општество и граѓанските организации1 . Според одредбите на овој закон, инди­видуалните лица имаат право да насочат дел од својот персонален данок кон граѓански (непрофитни) организации што се зани­маваат со остварување на активности од јавен интерес. По примерот на Унгарија, слични закони се донесени и во Полска, Словачка и Литванија.  Даночните обврзници во Унгарија можат да насочат 1% од пер­соналниот данок во корист на определени непрофитни организации, јавни фондации и јавни институции. Дополнително, даночните обврзници во оваа земја, можат да насочат 1% кон верските организации. Сите потен­цијални корисници на насочените 1% мора да исполнуваат одредени услови, меѓу кои неоходноста од остварување активност од јавен интерес (Организација од јавна корист).

Со оглед на податоците дека само половината од непрофитните организации во Унгарија добиле поддршка на овој начин, минатата година унгарскиот парламент усвоил про­грама за Национален граѓански фонд. Фондот претставува инструмент што треба да овоз­мо­жи понатамошно развивање на инсти­туционалната поддршка на непрофитните организации, и претставува централен државен фонд за кој Владата ќе одвои соодветни фондови кои се засноваат на износот насочен од страна на даночните обврзници, согласно со данокот кој се насочува годишно врз основа на Законот за 1% (удвојување на насочените средства). Затоа, колку повеќе средства насочуваат даночните обврзници, толку повеќе средства ќе одвои Владата за фондот. Со цел објек­тивна распределба на средствата од фондот, формиран е Совет и регионални колеџи, составени од избрани делегати од гра­ѓанскиот сектор.

Следна земја која го примени законот е Словачка. Од 2002 година даночните об­врзници имаат право да насочат 1% од персоналниот данок на одредена непро­фитна организација којашто е регистрирана во Комората на јавни нотари2 . Право да ги примаат насочените средства имаат сите правни форми на непрофитни организации (граѓански здруженија, фондации, не­инвестициони фондови, непрофитни орга­низации кои реализираат активности од јавен интерес, црквите, Црвениот крст на Словачка). По успешната имплементација на законот, од 1 јануари 2004 година важат новините во даночното законодавство кои подразбираат - можност за правните лица кои се даночни обврзници да насочат 2% од данокот кон определено правно лице, под истите услови кои важат и за физичките лица. Со новите одредби пред­видени се и исклучоци кои се однесуваат на минималниот износ кој може да се на­сочува.

Литванија е третата земја од регионот која го применува овој закон, според кој, лицето кое е постојан жител на зем­јата, има право да поднесе при­јава до даночната адми­нистрација за насочување  на 2% од персоналниот данок кон определени корисници, наведени во Законот за добро­творни цели и спон­зорства. Корисници можат да бидат добротворни фондации и фон­дации основани со цел доделување спон­зорства, буџетски институции, здру­женија, јавни организации, јавни институции, верски заедници и други правни лица, кои не ги реализираат своите активности за оства­рување профитни цели и доколку добивката која ќе биде остварена не се распределува на основачите или членовите на орга­низацијата.

Одредби кои се однесуваат на можноста за насочување на 1% содржи и Законот за активности од јавен интерес и волонтерство во Полска. Слично како и во другите три земји, според овој закон, даночните об­врзници може да насочат 1% од пер­соналниот данок кон организации од јавен интерес по свој избор.



Во декември 2003 година и Романија се приклучи кон земјите кои овозможуваат насочување на 1% од персоналниот данок кон непрофитните организации. Кара­к­теристично во процесот на иницирање и донесување на романскиот “1%” е тоа што, прво, иницијативата доаѓа од политичката сфера (Либералната партија), во тесна соработка со граѓанскиот сектор, и второ, што  политичката партија  во моментот на ини­цирање и донесување на законот била во опозиција. Идејата, а подоцна и самиот закон, е прифатена од владата и другите парла­ментарни партии.

Според досегашното искуство, најголемата придобивка од законот е токму  развојот на граѓанските организации и граѓанското општество, воопшто. Законот ги поттикнува организациите да станат транспарентни и отчетни кон оние кои ги насочиле средствата, да бидат поблиску до граѓаните и да пре­земаат активности што се бараат од нив.

Меѓутоа, искуството исто така покажува дека овој закон не треба и не смее да биде единствениот начин на финасирање на граѓанските организации. Напротив, треба да биде комплементарен со другите даночни олеснувања. Според Нилда Булан, про­грамски директор на Европскиот центар за непрофитно право „Законот 1%“ е само еден механизам, но не е доволен за финан­сирањето. Финансиската помош треба да биде одредена од државата за оние непро­фитни организации кои се занимаваат со државни одговорности, на пр. здравство или организации кои се занимаваат со социјална помош. Тие треба да добиваат директна финансиска поддршка, без разлика дали даночните обврзници сакаат да ги финан­сираат или не. Има и трет начин на фи­нансирање на непрофитните организации, а тоа се даночните бенефиции за граѓанските организации кои не треба да се прекинат“.

Во однос на даночните олеснувања, спо­редбено со земјите од централна и источна Европа, Македонија се наоѓа речиси на дното по скоро сите прашања на ослободувањата, олеснувањата и третманот кај сите видови даноци. Со цел запознавање со значењето, функционирањето и придобивките од овој закон, и можната примена на истиот кај нас, на конференцијата учествуваа и прет­ставници од Република Македонија. Еден од нив беше и Славко Лазовски од Минис­терството за финансии кој смета дека воведувањето на “унгарскиот 1% данок” ќе донесе значајни предности и во Македонија. „Тој  закон добро би се вклопил во нашиот даночен систем, а нашата даночна адми­нистрација лесно и успешно би се справила со него. На фискалната страна, законот би дал значајни ефекти во подобреното со­бирање на даноците и во давањето корисни сигнали во насочување на буџет­ските расходи, а во изјаснувањата граѓаните би учествувале за прв пат, на непосреден начин. Посебно сакам да истакнам дека решенијата во овој закон ќе дадат значаен придонес во засилувањето на борбата за спречување на корупцијата, со силно вли­јание за подобрена транспареност во распре­делувањето и трошењето на парите на граѓаните“.

Потребата од промени во правната и фис­калната рамка за граѓанските орга­низации во Република Македонија е не­миновна. Во изминативе десет години поголемиот дел од граѓанските организации во Македонија својата соработка и поддршка ја остваруваа со меѓународните организации (донатори).  Во периодот кој претстои граѓанските организации ќе треба да го искористат досегашното искуство стекнато од низата превземени активности во оваа насока, и поактивно да се фокусираат во потрага по домашни концепти и практики на граѓанското општество и поттикнување на нивната изградба.

Секако, во тој процес неопходна е соработка и поддршка од страна на Владата. Усвоениот „Акциски план за спроведување на пре­пораките од извештајот за стабилизација и асоцијација на Европската комисија за Република Македонија за 2003 година“ (донесен во јуни 2003), содржи предлог- мерки и активности што Владата треба да ги преземе во насока на поттикнување и развој на граѓанското општество, и претставува одлична основа врз која треба да се изгради сеопфатна стратегија за соработка и под­дршка на граѓанските организации .

Несомнено „Законот 1%“ е извонредно атрактивен начин за алоцирање на сред­ствата од буџетот, при што за тоа одлучуваат граѓаните, но секако не и единствен. По­требни се и други мерки кои ќе значат подобрување на условите за функционирање на граѓанските организации, како:

- постоење дефинирана политика на владата за поддршка на граѓанските организации;
- дијалог меѓу граѓанските организации и владата за нивните приоритети;
- изнаоѓање соодветни  механизми за успешно имплементирање на дефинираните приоритети.