Трибина

Заштита на малолетната публика од штетни ТВ-програми

Во организација на Советот за радиодифузија, а во соработка со Ротари клубот „Камен мост” - Скопје и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, во јануари, во Скопје, беше одржана трибината „Заштитата на малолетната телевизиска публика од програми штетни за нејзиниот нормален психо-физички развој”, како дел од од јавната расправа во врска со предлог-правилникот за заштита на малолетната публика од програми кои можат штетно да влијаат врз нејзиниот физички, психички и/или морален развој.

Главните поенти од правилникот ги презентираше Виктор Шиков од Советот за радиодифузија, кој истакна дека Советот максимално ги почитува професионалните новинарски принципи по кои електронските медиуми самостојно и со целосна уредувачка одговорност ја осмислуваат програмската шема, но едновремено зема предвид дека е неопходно, според потребите и според очекувањата на публиката, да се приспособи прикажувањето насилство и еротика кои се составен дел од различни сфери на општественото живеење, посредувани преку медиумите. Директорот на Меѓаши, Драги Змијанац, го поддржа усвојувањето на правилникот и подвлече дека само општества кои промовираат ненасилни, хуманистички, превентивни мерки за заштита може да очекуваат и пониски стапки на насилства кај младите. 

На трибината учествуваа повеќе медиуми, институции и организации од земјава, чие дејствување има непосреден општествен интерес во овој домен од радиодифузијата. Јавната расправа отворена е повеќе од еден месец. Досега до Советот за радиодифузија пристигнал само еден одговор и забелешка, на Народниот правобранител.

А.Т.