ЛУЃЕ, ЕЛВИС АЛИ
Честопати и за жал, љубовта меѓу луѓето е заборавана тематска целина
Во рубриката „Луѓе“ ви ги претставуваме поединците активни во граѓанскиот сектор во Македонија, но и надвор од неа. Целта ни е да ги претставиме не само од аспект на професионалното ангажирање, туку и како индивидуи со свои посебни интереси, афинитети и размислувања. Целта ни е да ги приближиме овие личности до пошироката јавност, а преку нив да го популаризираме и поттикнеме граѓанското ангажирање во Македонија. Овојпат, го претставуваме г. Елвис Али, вработен во Европската агенција за реконструкција во Скопје, асистент на програма при Програмата за Граѓанско општество и социјален развој.
ПРОФЕСИОНАЛНО ИСКУСТВО: Вкупно работно искуство осум години, почнувајќи од 1995 година.
АНГАЖИРАЊЕ ВО НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР: Пет години, почнувајќи од 1998 година.
ХОБИ И ИНТЕРЕСИ: Работа, кошарка, читање, слушање музика, дружење со пријатели, гледање филмови со научно фантастична содржина ... После, се разбира, пак работа.
ШТО ЧИТАТЕ ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ: Доколку ова постои - тогаш книги со религиозна содржини и книги со научна содржина.
КАДЕ ОДИТЕ ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ: Понекогаш (во последно време почесто) сакам да одмарам дома.
ШТО ПРАВИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДИТЕ: Во текот на викендите, но и во вторник и четврток посетувам состаноци поврзани со мојата религија како Јеховин сведок.
КОЈ НАЦИОНАЛЕН/ЛОКАЛЕН ПРОБЛЕМ ГО СМЕТАТЕ ЗА ОСОБЕНО ВАЖЕН И ЗОШТО? Маргинализираната и социјално-економско крајно тешката ситуација на Ромите во Македонија. Ова е поради фактот што една земја не може да постигне економски напредок доколку и’ тежи голем проблем, посебно како овој. Ова е слично кога брод брзо плови со спуштена котва.
КОЈ ГЛОБАЛЕН ПРОБЛЕМ ГО СМЕТАТЕ ЗА ОСОБЕНО ВАЖЕН И ЗОШТО? Гордоста, алчноста по богатства гледана од аспект на задоволување на сопствени/национални интереси и цели. Мислам дека е овој општо познат факт кој може да се опсервира и да се забележи мошне лесно од денешните случувања во светот и нема потреба од подетална елаборација за истиот.
ШТО БИ ПРОМЕНИЛЕ ВО МАКЕДОНИЈА? ШТО БИ ПРОМЕНИЛЕ ВО СВЕТОТ? И двете претходни прашања изискуваат повеќе време и елаборација, земајќи ја предвид сложеноста на истите. Но, како нешто (и за некој безначајно) би го рекол претходното: Помогни му на човекот во иста мера како што би сакал другиот да ти помогне тебе. Да, честопати и за жал љубовта меѓу луѓето, индивидуите, граѓаните е заборавана тематска целина.
|