Писмо до уредниците на Граѓански свет
Дебата да, но со личности по наш избор
Драги колеги и колешки, Вашиот осврт во последниот број на Граѓански свет бр. 73 со наслов Деца! Деца!Деца! не поттикна да Ви одговориме на дилемите кои ги имате. Посебно дилемата „Кога смееме, а кога не да ги користиме децата за различни цели”.
Не можеме да го прифатиме вашиот начин на размислување околу Вашата дилема кога да, а кога не, да ги користиме децата за разни цели!!! Навистина оваа тема е чувствителна и ние не можеме да ги сфатиме тие што ги злоупотребуваат децата. Токму затоа се обративме до Народниот правобранител, г. Иџет Мемети, да даде свое видување за кампањата „Подготвени сме” за влез на Македонија во НАТО со мотото „Македонија во НАТО - ние децата нивно злато”, организирана од Детската амбасада за сите деца од Прилеп, под покровителство и со финансиска поддршка од Министерството за одбрана на Република Македонија. Имавте можност интегрално да ја пренесете нашата остра реакција и осуда за злоупотреба на децата во политички цели, нашето обраќање до Народниот правобранител со претставка, нашата реакција во однос на нецелосните и неточните изјави во однос на просторот, годината на склучувањето на договорот за закуп на простор и организации кои го користат истиот од Министерството за одбрана, како и јавниот повик до Јавниот обвинител, г. Љупчо Шврговски, да побара кривична одговорност од господинот Дамјанчо Стојановски, генерален секретар на оваа граѓанска организација, и господниот Лазар Еленовски, министер за одбрана, како покровител и финансиски поддржувач на оваа кампања.
Дали се легитимни нашите барања за кривична одговорност треба да даде мислење господиниот Љупчо Шврговски! Дали е легитимно нашето барање за оставка на министерот Еленовски од функцијата, треба да даде мислење премиерот на Република Македонија, господинот Никола Груевски! Дали е легитимно нашето барање оваа организација која треба да ги брани правата на децата, а сама ги прекршува, да се брише од регистерот на организации, треба да дадат мислење граѓаните и граѓанските организации!
Токму затоа, ја прифаќам поканата од уредниците на Граѓански свет да се дебатира за оваа тема за наредниот број, но да бидат вклучени со изјава и г. Лазар Еленовски, министерот за одбрана, г. Иџет Мемети, народниот правобранител, г. Љупчо Шврговски, јавниот обвинител. Во тој случај ќе бидат опфатени повеќе аспекти на темата. Ќе му се даде соодветно значење и на учеството на г. Сашо Клековски и на госпоѓата Наташа Дамјановска-Габер и на г. Дамјан Стојановски. Сметам дека покрај мојата изјава, треба да побарате и изјава за темата и од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, од Куќата за човекови права на Република Македонија, од Центарот за човекови права и решавање конфликти и други граѓански организации и активисти, кои ги бранат правата на човекот и детските права.
Во тој случај ќе ја разбереме Вашата загриженост од злоупотребата на децата и чувствителноста на темата. Ќе ја разбереме и изјавата на г. Лазар Еленовски дадена на МТВ на 25.08.2007 каде вели „ако има некои поголеми злоупотреби од наша страна, ние сме спремни да ја сносиме одговорноста”.
м-р Драги Змијанац,
|
|