Истражување на Македонската антиканцер организација
Годишно 700 нови случаи на рак на дојката
Во светот годишно се појавуваат над 500.000 нови случаи на рак на дојката, во Европа повеќе од 150.000, а во Македонија 700 нови случаи на жени кои заболуваат од рак на дојката, соопшти Македонската антиканцер организација, презентирајќи ги статистичките податоци за оваа болест. Поради загрижувачките податоци, организацијата покренала кампања за едукација и превентивни прегледи на жените, акција која во соработка со Црвениот крст ќе се спроведува на територијата на целата земја во период од една година. Претставниците на организацијата велат дека за еден месец само на територијата на Скопје биле прегледани 200 жени, од кои кај 11 отсто биле констатирани промени на дојката што бараат натамошно иследување и истражување. Потпретседателот на организацијата и доктор на Клиниката за торакална хирургија, Горан Кондов, вели дека засега најдобри мерки за превенција на болеста се навремените самопрегледи, клиничките прегледи, а во случај да се констатираат промени, препорачливи се мамографски прегледи. Раното откривање, нагласува Кондов, значи и поголема можност за излекување, а од Асоцијацијата нагласуваат дека се потребни повеќе мамографски апарати за да се задоволат потребите. Кампањата на “МАКА” ќе трае до март идната година, со можност да се организираат прегледи и во другите градови. Пријавување за прегледите се врши во канцелариите на Црвениот крст од Кисела Вода.
Ж.Ѓ.
|