Форум
Дали во Македонија постојат услови за развој на еко-туризам?
Нашето ново прашање кое ќе биде актуелно на Форумот на веб-страниците “Граѓански свет” цело лето (во јули и август) - е проблем за кој треба да се размислува и да се работи и преку зима, и преку есен, и преку пролет, и налето. Што мислите - дали во Македонија постојат услови за развој на еко-туризмот? Иако под овој поим во светот се подразбира мошне специфичен вид туризам, кај нас тој најчесто се поистоветува со руралниот туризам, манастирските тури и слично. Тука не ни е целта да елаборираме што е што, туку да поттикнеме дискусија за можностите за сите погоре споменати видови туризам, кои се блиски и најчесто одат заедно. Дали сме во можност, со нашите природни и културни убавини, да привлечеме туристи, домашни и странски? Како тоа да го сториме? Дали доволно се рекламираме? Дали имаме услови (инфраструктурни, кадровски) и дали имаме знаење како да се однесуваме со евентуалните туристи?
Ве повикуваме да се вклучите во дискусијата на оваа интересна тема на Форумот на нашите веб-страници: www.graganskisvet.org.mk и www.civicworld.org.mk. Притоа, ве молиме да го напишете своето полно име и презиме и да ја наведете невладината организација, доколку членувате во некоја. За да започнеме квалитетна дебата, ова прашање им го поставивме на неколку личности кои работат во невладиниот сектор во Македонија. Еве го нивното мислење:
Анета Илиевска, ЕРИНА, Скопје: Она што ни е дадено од природата, а дадено ни е навистина многу, не сме го искористиле досега доволно, ниту во областа на туризмот, ниту пак во некои други области. Ако и сме користеле досега нешто од нашите природни богатства, тоа било искористување и експлоатирање, а не користење во одржлива смисла. Истото важи и за културното наследство - и кон него покажуваме негрижа, непочит, не го познаваме и не го цениме. Но, не е односот кон природното и културното наследство единственото нешто што е важно за да бидат тие ставени во функција на еколошки или културен туризам. Важно е и да се вложува, да се внесат и некои инвестиции, како и во секоја друга стопанска гранка. Треба да се изградат пристапни патишта, треба струја и вода, канализација и телефонски врски - а тоа го немаат многу наши села. А токму селата, повеќе од градовите, се центрите околу кои се “вртат” еколошкиот, културниот, и секако, руралниот туризам. И на крајот - треба да се осмисли силна и квалитетна маркетинг стратегија.
Менде Трајковски, ЕД “Кајмакчалан”, с. Старавина: Секако дека е можно во Македонија да се развие еко-туризам, зошто с$ уште постојат региони, предели, односно места каде природата останала недопрена од оџаците на фабриките, од отпадните води, од разните отпадоци и од сообраќајниот метеж. Места каде што посетителите ќе можат да се насладуваат со чистиот воздух, со водата од планинските извори како и еколошки здравата храна. А, сето ова може да му се припише на Мариово, еден од еколошки најчистите региони во Република Македонија, кој штотуку ги прави првите чекори за развој на еко-туризмот, со организирањето на детскиот камп “Итар Пејо”.
ОД МИНАТОМЕСЕЧНАТА ДЕБАТА Дали можеме самите? Минатиот месец, го поставивме прашањето: Дали можеме самите? Односно, дали можеме да опстанеме без поддршката на странските донатори, кои се веќе подолг период нашите главни поддржувачи, а кои веќе покажуваат тенденции дека с$ помалку ќе работат во нашиот регион? Дали во изминативе години стекнавме знаења и вештини за самооодржливост, за обезбедување финансиски средства, и можеби најважното од сe - да продолжиме да работиме како активисти, на волонтерска основа? Еве како на оваа тема размислуваат некои лица активни во граѓанскиот сектор во Македонија:
Владимир Карчицки, “Проактива”, Скопје: Опции постојат. Може да се работи со бизнис-секторот, со локалната самоуправа, со владините институции. Здруженијата на граѓани кои имаат помало членство, кои работат пооперативно, подобро ќе се снајдат во ситуацијата кога ќе има помалку можност да се добие поддршка од странските донатори. Ќе се изврши една природна, позитивна селекција на граѓанските здруженија во Македонија.
Миле Јовановски, Охрид: Ниту граѓанските здруженија се создадени од странските донатори, ниту пак тие ќе згаснат ако странските донатори си заминат. Граѓанското здружување има голема традиција во Македонија. Странските донатори многу помогнаа граѓанскиот сектор да се изгради, да се издигне, обучи, да биде признаен како фактор во општеството. Тоа е нешто за што на странските донатори треба да им бидеме многу благодарни. Власта, за разлика од нив, речиси ништо не стори да го поддржи граѓанскиот сектор во Македонија. Но, во иднина тоа ќе мора да го прави, бидејќи ќе биде принудена од стандардите на Европската унија. Затоа мислам дека во иднина здруженијата на граѓани во Македонија ќе можат да очекуваат с$ поголема и поголема поддршка од власта, сакала таа или не…
|