Погледи: АЗБИЈА МЕМЕДОВА

По линијата на (помал) ОТПОР?!?

По некаква коинциденција или судбинска поврзаност, минатата ноќ имав можност да гледам документарец за текот на историските, предизборни настани во Србија во пресвртната 2000. Граѓанска, студентска организираност, посветеност, упорност, истрајност, ризикување на сопствениот живот за идеалот, јасно дефинирана цел и стратегија, способност за брзо прилагодување, аналитичност - беа дел од карактеристиките на ОТПОР, движење кое ги предизвика промените во Србија. Мала група студенти, мобилизирајќи огромен општествен потенцијал под мотото „ние го сакаме животот”, на ненасилен начин урнаа еден диктаторски режим и земаа учество во креирањето на новиот систем. Се присетив на една толку многу експлоатирана (па и од мене) реченица во нашиот невладин сектор: "не се сомневајте дека една мала група луѓе може да предизвика промени". Во Србија докажаа дека можат. Воодушевувањето кое ме обзеде беше бргу заменето со дијалог со самата себе. Па каде беше ти до сега, си велам, дури сега (2002) ги склопуваш коцките на таа "отпорна" приказна? Незнаење + неинформираност - тоа е основата на нашите проблеми - повторно, по не знам кој пат, ми се наметнува како единствен одговор. Иако можеби несоодветна, споредбата со нашата состојба во граѓанското организирање ми се наметна како неминовна. Десетгодишното постоење на граѓанско организирање во Македонија, содржано од еколошки, младински, женски, малцински и слични елементи, се развиваше во различни политички услови споредено со српските ассоцијации кои растеа со Хуман Ригхтс димензијата како политички концепт!

Кај нас, иако секојдневно се говори за оваа димензија, иако голем дел од нашите програми и статути ја вклучуваат како наша програмска определба, резултатите говорат дека поборници за човекови права (човек за човек) има сe помалку. Зошто? Поради незнаење?!? Концептот на човековите права не се сведува на правата на малцинствата како што кај нас успешно се пласира и промовира. Се работи за правата на човекот како поединец и сe додека тоа не го разбереме, ќе го трошиме времето на краткорочни проекти без сериозно влијание, немајќи идеал, јасна цел и стратегија како општество пред се. Примерот со ОТПОР јасно ја покажува суштинската важност на постоењето дефинирана ЗАЕДНИЧКА цел.

Сите донатори, кои во последните години инвестираа многу пари за едукација на членството на организациите во секој домен на организациското работење, вклучувајќи застапување и лобирање како базични активности на поголемиот број организации, секако дека се прашуваат: каде се резултатите? Моето искуство во работата со организации ми потврди дека личните убедувања, капацитети и интереси на луѓето не можат лесно да се надградат, т.е. изменат. Воедно, ми се потврди дилемата околу корените на многуте недоразбирања и конфликти. Станува збор за еден од степените на патријархалната парадигма според која еднаквовредните стварности во светот ги поделивме во спротивставени парови: црно-бело, темно-светло, несвесно-свесно, женско-машко. При тоа, без оглед на еднаквата вредност, едната страна ја перцепираме како помалку вредна од другата. Друг проблем со кој се соочуваат сите асоцијации е дискрепанцата помеѓу непрофесионализмот (што е резултат на околностите во кои функционира македонското граѓанско движење и особено минорните цели кои си ги поставуваме како организации) и професионализмот што се наметнува како барање за продуцирање сериозно влијание на организациите во општеството. Кога на ова ќе се додадат уште неколку моменти како свесно или несвесно напуштање на првичната визија и мисија (поради ориентацијата кон проекти за кои во моментот се даваат пари), личните убедувања на "вечните" лидери, внатрешните и надворешните организациски конфликти, етничката поделеност на организациите (секој за своите) кои работат заедно најчесто кога донаторите даваат пари за "интер-етнички" проекти, добиваме слика за невладиниот сектор во нашата држава, неговите капацитети и можности.

Во една ваква сосотојба, немаме големи можности да се претставиме како сериозна, движечка сила во Македонија. Мораме да си признаеме дека ние не сме иницирачи на сериозни политички, законодавни и општествени промени. Тоа што го правиме е само пополнување на економските и социјалните празнини на општеството. А власта како такви не подржува.
Позитивистички гледано, тоа воопшто не е малку ниту пак погрешно. Само е - стагнирачко. И далеку од ОТПОР. Доколку сакаме да не третираат како посериозна сила, пред се треба да покажеме дека навистина можеме. Како? Преку сопствена надградба, наоѓајќи заедничка цел но и заеднички вредности, справувајќи се со сопствените предрасуди но и АПАТИЈАТА, помалку согледувајќи ги нештата низ однапред подготвени модели, одвикнувајќи се од црно-белото толкување и, конечно, станувајќи посензибилни и асертивни кон другиот/те, сe со цел да прифатиме дека единствениот ИЗЛЕЗ е изградбата на граѓанско општество кое прифаќа и ПРОМОВИРА различност, во кое црно-белото, машко-женското, светло-темното и СИТЕ нијанси помеѓу нив - чинат богатство. Воопшто не е лесно да се биде поинаков од останатите во групата на која национално, верски, етнички или општествено # припаѓаш. Воопшто не е лесно да изградиш сопствен идентитет, сосема исчистен од националконтаминацијата која е обележје на светот во кој живееме и чиј дел сме сите ние. Моја привилегија и избор е да работам на неговото менување, исполнувајќи ја најнапред обврската постојано да се менувам себеси.