Издаваштвото во граѓанските организации

Граѓанскиот сектор е издавач достоен за почит

Во време кога во земјава многу често се говори за состојбата со издавачката дејност, за потребата од збогатување на нашето секојдневие со печатени материјали од различен вид и содржина во контекст на следење на цивилизациските текови и изданијата зад кои стојат граѓанските организации претставуваат значаен материјал што го привлекува вниманието на јавноста.

Иако се работи за широк сектор, со голем број разновидни интереси и активности, сепак, при разгледување на издавачката програма на неколку организации на почетокот на годинава, откривме мноштво заеднички моменти во однос на прашањата за состојбите во издаваштвото.

Како прво, се наметна прашањето колку издавачката дејност е дел од програмите и активностите на граѓанските организации, колку и што се издава и колку издавачките зафати се засновани на годишни издавачки планови.

„Гледано во целина, мислам дека граѓанскиот сектор е сериозен издавач, достоен за почит” - вели Климе Бабунски од ЗГ Про медиа.

„Не се работи само за бројот на изданијата, туку и за содржинскиот аспект.  Добар дел од новите идеи и содржини се несомнено потребни и важни за граѓанството во еден ваков транзициски период. Издаваштвото, особено печатеното, е активност кое претпоставува солидна финансиска основа, што секако максимално го минимизира бројот на изданија коишто граѓанските организации ги финансираат од сопствени средства. Изданијата, без оглед на видот, по правило се ’спакувани’ во рамките на некој проект, па и финансиски се дел од него. Значи, до целните групи, до читателите, изданијата се доставуваат бесплатно. Целта е да се испорачаат идеи, знаења, вештини, кои се потребни за поуспешно одвивање на одделни општествени процеси, да се приопштат факти кои помагаат во создавањето на сликата за нас” - вели Бабунски.
 

Функцијата на печатените изданија

Издаваштвото е важен дел од годишните активности и претставува дел од секој проект во ГО Цивил. Според Џабир Дерала, интернет-издаваштвото е дел во кој, соодветно на финансиските можности, тие успеваат, колку-толку, да пласираат содржини за јавноста. Тој вели дека печатеното издаваштво, нешто што останува како видлив документ, особено во земја со низок степен на употреба на информатичката технологија, е поголем, но и поефективен предизвик

„Цивил издава публикации кои се однесуваат на проектите онолку колку што има финансии за тоа, но, во секој случај, ги предвидува како дел од проектните активности. Доколку некој издавачки проект или суппроект не е усвоен од донаторите, го подготвуваме во форма на документ достапен за јавноста во нашиот ресурсен центар. За разлика од други, не одиме на издаваштво ’по секоја цена’. Во секој случај, Цивил издава најмалку две публикации годишно, но произведува многу повеќе. Имаме разработено солиден систем на дистрибуција на своите изданија во текот на седумте години постоење. Тие речиси исклучиво бесплатно се достапни до јавноста и корисниците. Следната наша публикација се однесува на контролата на оружјето, сигурноста и безбедноста на граѓаните во Македонија, а во моментов очекуваме и финансиска поддршка” - посочува Дерала.   

Прашање кое го легитимира постоењето на издаваштвото во граѓанскиот сектор е функцијата на печатените изданија. Роберт Алаѓозовски, менаџер на проект во ГО Контрапункт, низ призмата на досегашното издавачко искуство, открива повеќе функции.

„Првата секако е информативната функција која ја имаат разните брошури, лифлети, портфолија, каталози, книги за дејноста на граѓанската организација или одредени проекти. Тие служат и за запознавање на јавноста со работата на

организацијата и за архивирање и обезбедување долгорочен ефект од нивната дејност. Втората функција е едукативната. Граѓанските организации кои водат едукативни проекти најчесто издаваат и прирачници, учебници, информатори во однос на одредени проблеми, прашања и теми кои ги обработуваат. Најчесто книгите, прирачниците, списанијата и зборниците што се издаваат во рамките на граѓанскиот сектор се делат бесплатно, се дистрибуиират или до широката публика или до поединци и институции од специјален интерес. Но, понекогаш тие имаат и одредена цена. За нив треба да се плати и најчесто приходот оди за т.н. самоодржлив развој на организацијата. Во развиените пазарни демократии каде плаќањето за културните производи е нормална работа, таквата ориентација и има некаков ефект, но кај нас, каде што с$ уште постои логиката на бесплатно добивање на културните добра, тешко оди продажбата и ефектот на самоодржливост останува во рамките на добрите желби. Уште една негативна карактеристика кај нас произлегува токму од бесплатноста на книгите во граѓанскиот сектор, продажбата е елиминирана или пак не игра никаква улога во финансиската конструкција. Организациите посветуваат малку време на нивната дистрибуција, така што книгите се трупаат по магацините, фаќаат прашина по полиците на канцелариите, а потоа кога просторот треба да се ослободи за нови печатени материјали, овие вредни дела завршуваат во контејнерите” - вели Роберт Алаѓозовски.

 

И на изданијата им треба одржливост

Во организациите кои третираат специ­фични области, издавачката дејност е поместена во функција на реализација на соодветните активности.

„Во ХОПС - опции за здрав живот, во последниве три години се објавени неколку прирачници и повеќе од 10 видови брошури кои содржат различни информации поврзани со штетноста од користење разни видови дроги, информации за ХИВ/СИДА, човекови права, сексуално и репродуктивно здравје. Сите изданија се дел од соодветни проекти, финансирани од странски фондации и амбасади, а се дистрибуираат бесплатно до релеванти институции и организации. Исто така, тие се делат и на сите обуки кои ги држи организацијата. Организацијата е многу повеќе фокусирана на услугите кон целните групи” - ни објасни Влатко Деков, извршен директор  во ХОПС - опции за здрав живот.

Слична е состојбата и во Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. Од информацијата на Драшко Костовски, дознаваме дека Асоцијацијата во својата програма најчесто издава прирачници, едукативни брошури и флаери за промовирање на своите услуги. Дистрибуцијата се врши бесплатно, главно преку сервисите (младинските центри за „Сакам да знам”), преку училиштата и др. Целта на печатењето на изданијата е едукација, информирање, застапување за сексуалното и репродуктивното здравје и права.

Македонскиот центар за меѓународна соработка издава три периодични изданија. Освен Граѓански свет, тука се и МЦМС Билтенот, кој ги содржи информациите за активностите на Центарот, и Билтенот на верските заедници, кој содржи информации за активностите на програмата Меѓурелигиска соработка во Македонија. Во форма на публикации, како дел од издавачката продукција на МЦМС се објавуваат  и адресари. „Продукцијата на МЦМС се разликува од година во година. Во текот на 2006 година беа издадени седум публикации со вкупен тираж од 5.150 копии. Освен на македонски јазик, дел од тиражот е објавен на албански, на англиски и на српски јазик. Во оваа бројка не е вклучен тиражот објавен во електронски формат, односно на ЦД-ромови” - ни објасни извршниот директор, Сашо Клековски, и додаде дека МЦМС изданијата ги објавува како дел од програмите, односно проектите. “Најголем дел од нив се поддржани од донаторите кои се странски организации и со дел од средствата на МЦМС. Изданијата се дистрибуираат бесплатно, иако во последно време се прават обиди да се постигне барем делумна одржливост, па затоа дел од тиражот е понуден на продажба. Продажбата на изданијата е по субвенционирани цени. Целта и намената на изданијата на МЦМС зависи од видот на публикацијата. Секоја публикација има причина зошто е отпечатена” - смета Клековски.

Во причините за печатење на изданијата го пронаоѓаме одговорот за потребата од постоењето на издавачката активност во граѓанскиот сектор. Независно од периодичноста на изданијата, од нивниот број или тираж, потребата од нив е евидентна, тие влијаат на развојот на граѓанското општество во земјава.