Волонтерски активности во заедниците
Само четвртина знаат што се случува во заедницата
Значаен дел од општествената одговорност на граѓаните претставува и нивната волонтерска активност во заедницата. Тоа вклучува учество во состаноци на кои се расправа за проблемите во заедницата (општина, месна заедница, куќен совет и сл.), доброволно учество во активност корисна за заедницата (пр. чистење на улиците), или пак помагање на други луѓе од заедницата без надомест за тоа.
Преполовени се волонтерски активности во заедниците, велат резултатите од истражувањето (во однос на 2004 година). Сега 26,6 % знаат за одржани состаноци во нивната општина (наспроти 44,3 % пред четири години), а 22,8 % (47,1 % во 2004 г.) и за одржани доброволни акции корисни за пошироката заедница во нивната општина.
За разлика од одговорите на сите други прашања во истражувањето, каде што нема родови разлики, учеството во активностите во заедницата (состаноци на куќен совет, месни заедници, општини, како и доброволни акции за корист на пошироката заедница) се доживува повеќе како машка работа (10 % повеќе мажи се информирани и учествувале на состаноци, а 7 % повеќе мажи учествувале во акции). На истите прашања нема битни отстапувања во однос на возраста (средовечните луѓе, од 30 до 50 години се малку поактивни од младите и од старите), етничката или партиската припадност, примањата во домаќинството, како и местото на живеење. Разлики има кај домаќинките кои се најмалку запознаени (10 %), а делумно и кај земјоделците и кај невработените (под 20 %), додека вработените во граѓанскиот сектор најмногу ги следат случувањата во својата заедница (70 %). Отстапувањето е забележливо и во однос на образовната структура – од оние со незавршено основно образование (11 %), преку тие со основно (18 %) кои се доста под просекот (26 %), до оние со високо образование кај кои 36 % се информирани.
Значително е намалено и личното учество на состаноци (18,3 %, наспроти 26,5%) и учеството во доброволни активности (12,8 % во однос на 32,6 % во 2004 г.).
Намалениот волонтеризам е пресликан и воопшто во подготвеноста за личен ангажман за каква било помош на други луѓе без надомест, за што се изјасниле малцинството анкетирани (40,8 %), додека порано тоа било случај за големо мнозинство (74,1 %) од нив. Најголем дел од нив пак, волонтерски се ангажирале помалку од 4 часа во период од еден месец. |
|