Погледи

Интригата е потешка од убиството

                                                                                                                       албански

Непобитен факт е дека светите нешта или прашања, било да се тоа и симболи, имаат посебно значење. Јазикот на верата е нешто што на еден начин човекот го повикува непрестано да биде во контакт со неа и тоа да биде подготвен да ги “жртвува” и најскапите нешта само за да ја изрази љубовта кон Бога и неговите пратеници или веровесници. И сега се поставува прашањето: што се цели да се постигне преку интриги?


Верата не е од денес ниту од утре, туку таа е многу позначајна од она што ние можеби го формулираме. Таа е една релација на најсветото – интимата, која ја има човекот со Бога. Затоа би било добро и оние другите, неверниците, да го имаат ова предвид и да имаат почит кон верниците. На овој начин и верниците би имале почит кон нив. Верата според исламското учење е слободна воља на човекот, која не прифаќа никакво насилство или присила.

Вакви и слични работи ни се случувале и во минатото, а за жал еве пак ни се повторуваат (не само преку вакви грди, лоши, зли интриги, туку дури и преку страници на Интернет каде што се злоупотребува на најнедоличен начин името Божје и верските симболи). Како, зошто и каде се подготвува сетоа ова, тоа е друга тема, но едно е повеќе од сигурно дека со вакви “организирања” успеваат оние кои никогаш не заслужуваат да успеат во ништо а за жал “успеваат” во заведувањето на луѓето. За чудење е како во ова економски и културно мошне обременето време, особено со секуларизацијата во светот, во кој се стеснети религиозните вредности на верниците, се дозволува нешто вакво во еден простор во кој се претендира дека преовладуваат верската толеранција и демократијата.

Многу е болно тоа што сето ова започна од една “несериозност”, т.е. од нешто неосновано. Мислам дека имам право овде да ја употребам народната мудрост дека еден камен фрлен од лудиот во бунар четириесет умни не можат да го извадат. И, сега, дали да се зборува за оној кој го фрлил каменот или оние кои треба да го извадат?!?

Да заокружам, многу голема и неприфатлива грешка е да се претстави фигурата на еден Божји пратеник на овој начин. Исламот како вера бара посебна почит од верниците кон сите Божји пратеници. Но, истовремено Исламот забранува секакво насилство, а сите оние кои вршат насилство, без разлика на која вера и припаѓаат, се слични на новинарите кои го фрлиле каменот, и покрај тоа што секоја страна го базира своето дејствување врз “демократскиот” принцип: кога тој има слобода да го напише тоа, и ние имаме слобода да го направиме ова. Ова е криминална теорија. Треба да знаеме дека насилните реакции и служат на целта на новинарот-уредникот-карикатуристот насилник, и дека со тоа не се постигнува ништо друго освен обезличување на портретот на муслиманите.

Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на претставникот на Македонската Православна Црква, г. Наум кој со неговата изјава докажа дека чувствата на верниците, верската толеранција и соживотот се поважни од се. За умните луѓе, за интелектуалците и денешната политика, а посебно за теолозите е потребно да ги редефинираат многуте поими и процеси како што се демократијата, секуларизмот и верскиот фундаментализам. Сето ова што ни се случи навистина е тешко, човекот е страшно заборавен од се, никако не се прави нешто да му се помогне, напротив се се чини за да тој биде под контрола, што не е издржливо за природата на човекот. На муслиманите-верници треба да им биде јасно дека не треба да подлегнат на вакви провокации, а на оние кои провоцираат треба исто така да им биде јасно дека секое трпение има крај. Уште еднаш подвлекувам дека сето ова ни се случува поради тоа што, како тоа многу добро го формулирал филозофот со религиозна култура Александар Солженицин, “луѓето го заборавиле Бога”.

Аллах е против неправдата и не ги сака насилниците.