Панел на Младинскиот образовен форум (МОФ)
Високото образование, корупцијата и студентските права
Правата мораат да си ги бараат самите студенти.
Воведничари: Борче Давитковски, Гоце Бумбаровски, Никола Тупанчевски и Никола Наумовски
Претседавач: Марјан Забрчанец (МОФ)
Во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ), на вториот ден од 4 Саем на НВО, се одржа панел на темата “Високото образование, корупцијата и студентските права”. Претседавачот на панелот, пред да им препушти збор на воведничарите, ги истакна двата главни проблеми за кои ќе се разговара на дадената тема – корупцијата, и незаштитата на студентските права.
Професорот на Правниот факултет од Скопје, Никола Тупанчевски, истакна дека според анкетата на Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) направена со студентите на факултетите во Македонија, единствена од таков вид во земјава, има висок процент на корумпираност во високообразовниот систем, но дека, за жал, досега нема ниту една правна завршница. Но, тој ги повика студентите да бидат тие што ќе го направат првиот вистински чекор кон почнување битка против овие девијантни појави во високообразовниот систем.
“Како пример за борба против овие нарушувања во образовниот систем, ќе ја спомнам можноста за оставање анонимни писменца во сандачиња што ќе бидат поставени на факултетите на нашите универзитети. Така ќе има основа да се провери злоупотребата на одредените професори”, потенцира проф. Тупанчевски.
Борче Давитковски, професор на Правниот факултет од Скопје и студентски правобранител на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” од Скопје, посочи дека тој работи со тим од студентски помошници од сите факултети на Универзитетот и дека во тригодишното работење досега има добиено околу 150 поплаки на студенти. “Од 150-тината попплаки на студенти, ниту една не се однесува за корупција. Главно тие се однесуваат на барања за заштита на човековите права”, додаде проф. Давитковски. Тој, како и претходниот воведничар, проф. Тупанчевски, додаде дека студентите, т.е. студентските здруженија на граѓани мораат да го имаат иницијалниот чекор да се соочат со оваа проблематика.
Другиот студентски правобранител од битолскиот универзитет “Св. Климент Охридски”, Гоце Бумбаровски, појасни дека неговата функција, за разлика од истата функција на скопскиот факултет, е платена функција.
Никола Наумовски, член на МОФ и на неформалната група на граѓани “Студентите за себе”, потенцира неколку девијации во високообразовниот систем што директно ги засегаат студентите, како на пр. немањето правилник на факултетите за продавање книги на професорите, полагањето испит во кабинетот на професорот наместо во амфитеатри или училници пред повеќе студенти, немањето програми за полагање испити на факултетите или сл. “Морам да потенцирам дека и вклученоста на студентите во решавањето на овие проблеми е премногу мала. Нема студентска адвокатура, нема поголем број студентски здруженија на ист факултет итн.”, беа зборовите на Наумовски.
Констатацијата на сите воведничари, на крајот беше иста – на корупцијата во високообразовниот систем и на заштитата на студентските права први мораат да се спротивстават токму самите студенти.
|