Тригодишен проект на Контрапункт
Слевање на маргините
Во Културниот центар Точка и во Младинскиот културен центар во Скопје на крајот на февруари е отворена самостојната изложба на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ “Прошетката на господинот Ченк”, како дел од проектот “Слевање на маргините”, кој е започнат во 2003 година со финансиска поддршка од Швајцарската програма за култура и ФИООМ, а се реализира во различни градови низ земјава. Во рамките на проектот, во февруари, во Струмица беше отворена изложбата на цртеж “Цртеж-рт-еж(Ск_Мк....нови тенденции) на која се претставија 19 автори од помладата генерација, а неа досега ја видоа и граѓаните на Гевгелија, Неготино и Кавадарци. Во февруари и во Уметничката галерија во хотелот Југо во Гевгелија, беше отворена изложба на неколку крактеристични уметници на новата концептуална уметност од Бугарија. Досега во рамките на проектот “Слевање на маргините” се реализирале изложби и во Велес, Битола, Кавадарци, Неготино, Тетово, Штип, Прилеп и во Скопје, промовирана е и сликовница “Нешто друго”, а тој содржи и разговори, дебати, работилници, перформанси и др. Во негови рамки се реализира и проектот “Градовите во Македонија”, кој на јавноста & се презентира низ отпечатените публикации (пет од планираните 12) посветени на градовите во земјава, со цел подобро меѓусебно запознавање на чудно оддалечените (па и во информациска смисла) градови.
Проектот “Слевање на маргините” овозможува поттикнување на културната продукција на локално ниво, размена меѓу градовите во Македонија и културна соработка меѓу различни институции, владини и граѓански организации, меѓу креативни и уметнички групи и поединци, а особено е насочен кон младите , запоставените, креативните уметници од различно етничко, културно и социјално потекло.
Негова долгорочна цел е промоција на културата на интеграција и различности, а граѓаните можат да дознаат повеќе на веб-страницата на њњњ.контрапункт-мк.орг, но и преку отпечатените впечатливи картички, постери и флаери.
К.Б.
|
|