Погледи

Простите пазарни правила повторно ќе го регулираат граѓанското општество

                                                                                                                       албански

За граѓанското општество во Македонија е дискутирано многупати досега, па верувам дека и мојата анализа овде нема да биде сосема нова.


Во изменетата политичка и економска средина во независна Македонија во раните 90-ти, граѓанското општество не остана имуно на целокупните општествени процеси. Новите интерпретации на демократијата и човековите права коишто полека, но сигурно навлегуваа во нашата земја и го менуваа нашето размислување се одразија и на самата природа на граѓанското општество. Скоро преку ноќ бевме сведоци на појавата на огромен број нови граѓански организации - човекови права, малцински права, репродуктивни права, заштита на околината, граѓански активизам, граѓанско учество во донесувањето на одлуките... Сега можеме да кажеме дека овие нови, модерни концепти веќе удобно се одомаќинија во нашите секојдневни животи.

Меѓутоа, од оваа точка, гледано низ филтерот на последните петнаесет години, и покрај горенаведените концепти коишто беа иницијалната каписла, во Македонија има многу малку автохтоно граѓанско општество. За жал, граѓанското општество им подлегна на простите пазарни правила на понудата и побарувачката. Достапноста на донаторските фондови и целокупната лоша економска состојба во земјата, заедно со хронично високата стапка на невработеност, го претворија граѓанскиот сектор во алтернативен пазар на работна сила. Најчесто, активистите на граѓанското општество беа луѓе кои едноставно бараа работно место или приход, а не идеалисти кои сакаа да промовираат вистински општествени промени. Целокупната апатија на македонското општество се одрази и на граѓанскиот секор и во него видовме многу проповедници, а малку верници.

Од мојата позиција на човек кој секојдневно е во директен контакт со организациите во граѓанскиот сектор, можев од прва рака да ја посведочам оваа ситуација. Кога Холандската амбасада за првпат имаше јавен повик за проекти во областа на културата и развојот во 2004 година, н$ преплавија неверојатни 450 предлог-проекти, од сите краишта на земјата и од најразлични организации, од кои некои никогаш претходно не се занимавале со генералната тема на нашата програма. Освен ова, Амбасадата редовно добива по десетина предлог-проекти неделно за својот крајно ограничен фонд за мали проекти.

Сепак, се чини дека простите пазарни правила повторно ќе го регулираат граѓанското општество - донатори има с$ помалку, особено од оние со фондови за помали проекти. Иако многумина ќе тврдат дека токму малите фондови се најпотребни, мислам дека кога славината на донаторите ќе пресуши, луѓето треба да се разбудат од својата апатија и да се обидат да се свртат повеќе кон домашните извори. Така, основното прашање ќе се смени од: „На кој донатор да му се обратиме за пари?”, во „Што можеме самите да сториме за ова?”. А, ова е и крајното значење и вистинската сила на граѓанското општество - не да создава активности за финансиски да преживее, туку да ја придвижи и да ја стресе својата непосредна околина за да донесе позитивни промени, па така да ги разбуди своите сограѓани од нивната апатична дремка.

За нас, како донатори кои се с$ уште активни, по сите овие години на финансирање на помали и поголеми проекти, дојде време да ги преиспитаме своите приоритети. Учејќи од минатото, треба да ги погледнеме оние организации коишто успеале да се позиционираат како релевантни чинители во македонското општество. Тоа се организации што имаат јасна визија за себеси и јасна мисија за тоа што сакаат да го постигнат. Тоа се организации што никогаш не биле „сончогледи” коишто го следеле движењето на донаторските фондови, туку им останале верни на своите цели и продолжиле да ги остваруваат со енергија и со интегритет. За да останат будно око на јавноста и да продолжат да ги претставуваат вистинските интереси на граѓаните, било да се тоа слободни и фер избори или борба со корупцијата, на овие организации им треба политички неутрална поддршка. Затоа Холандската амбасада с$ повеќе се свртува кон програмска поддршка - таа им ја дава неопходната флексибилност и сигурност на организациите кога се работи за спроведување на нивните редовни активности, а истовремено ги промовира природните процеси на внатрешно зајакнување на овие организации, како среднорочното планирање и внатрешниот мониторинг и контрола. Верувам дека ова е вистинскиот пат што треба да се следи и дека на крајот тој ќе доведе до поконсолидирано и помоќно граѓанско општество. 


(авторката е советник за развој во Амбасада на Кралството Холандија)