Погледи: Јасна Шоптрајанова-Вртева
Подопашниците на власта
Е, аман веќе од овие невладини организации! Малку им беше што се изналапаа пари од странските фондации, сега уште имаат намера да земаат од државниот буџет. Па, мислам, одлично - навистина ќе се докажат како невладини - со пари на владата, рака под рака со владата - да, очигледно, тоа е таа нивна “независност”! Видоа странците со кого си имаат работа, секнуваат странските пари, а невладиниве се научија на убав живот, па сега се нафрлија да цицаат од друго место. Од “нашите пари”. Па барем нешто аир да видиме од нив. Не, еве ги, се покажаа како продадени души - штом намирисаа пари, веднаш од невладини се претворија во владини организации, подопашници. Море, којзнае што пари земаат и од ваму и од таму, којзнае што лекции добиваат од странците и којзнае што се обидуваат да инсталираат тука.
И така натаму, и така натаму. Малку-малку, па ќе се најде некој вака умно да ја објаснува смислата на постоењето на невладините организации и нивниот однос со власта. И можеби тогаш најмногу се гледа колку е ниска нашата политичка култура, колку плитко и вулгарно ги восприемаме нештата, воопшто и не трудејќи се да ги сфатиме.
И Владата и невладините, драги мои (им велам јас во себе на таквите колумнисти и мудреци) делат една заедничка мисија - добробитта на граѓаните. И едните и другите постојат не за да се надрпаат пари, туку за да ги вложат своите капацитети во подобрување на животот на граѓаните. При што, ако на почетокот некако беше природно Владата да размислува за стратегијата, а на невладините организации да им припадне теренската работа, сега с$ почесто се случува невладините организации да се консултираат не само за искуствата од своите практични активности, туку и за заклучоците што ги извеле од нив. А тие заклучоци водат кон стратегија, некогаш формулирана, повторно, токму од невладените организации. А прифатена и усвоена од Владата, во целост, или барем како основа за натамошна доградба.
Така, не ни се случува само децентрализација во рамките на барањата на ММФ, Рамковниот договор или Советот на Европа - ни се случува и структурна децентрализација, прераспределба на умноста, лидерството и моќта - почнавме во последниве години навистина да ја осознаваме силата и потребата на невладиното движење, а почнавме, во новиов милениум, да имаме и умни власти, кои не сакаат да ги испуштат овие придобивки. Па така, на почетокот (раните 90-ти години) имавме навистина голем број дезориентирани невладини организации и членови, среќни заради можноста да одат по разни семинари во Македонија и странство (платен превоз и хотел), да учат за јакнење на капацитети и управување со човечки ресурси, за проектен и финансиски менаџмет и слично, но без јасна идеја за што служи тоа. Со текот на времето се сетивме дека граѓанското организирање за нас и не е толку ново, дека ние отсекогаш и сме имале невладини организации, само што тие се викале Извиднички одред “Галеб”, Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија, Подмлаткари на Црвениот крст, Женски младински хор “25 Мај”… И мојата козметичарка Споменка, во сите 20-тина години колку што ја познавам, а сигурно и претходно, собира облека и секаков вид помош за семејствата кои згрижуваат деца без родители, но сега таа и нејзините пријатели имаат регистрирана невладина организација. Значи, отсекогаш имавме цели, отсекогаш работевме, доброволно, најчесто неплатено, на нивно остварување, само сега научивме механизми за полесно да ги оствариме, само сега ни се отворија дополнителни фондови кои може да ни помогнат во реализацијата на целите.
А парите од држвниот буџет? Мојата невладина организација веќе има и свое искуство (не само теорија слушната на семинари) државата да учествува во нашето финансирање, не за да н$ поткупи да мислиме како неа, туку напротив - зашто видела дека сме мислеле различно, поинаку, и дека нашето мислење било точно - дека прецизно препознало потреба која самата државна апаратура, со своите ограничени капацитети за вработување, не може да ја задоволи. Значи, финансирани сме за идентификување и техничка реализација на некоја функција од интерес на државата. За граѓаните. Учествував, исто така, во иницијатива каде државата (нашата држава, Република Македонија) финансираше група невладини организации токму за да мислат поинаку, токму за да бидат критично око кое ќе ја следи државата/Владата/власта во нејзиното работење и ќе $ ги посочува пропустите, а по можност ќе предлага и решенија. Да не заборавиме - семејното насилство, како казниво однесување, беше идентификувано како проблем, а конечно неодамна и воведено во законската регулатива, токму на иницијатива на невладините организации, предводени од ЕСЕ - Македонија. Екологијата, културата, социјалата, образованието, санирањето на последиците од конфликтот во 2001, и уште многу други нешта, природно припаѓаат и успешно се водат во голем дел токму од невладините организации. И низ тој процес, и државата го менува својот однос кон нас, но и ние почнуваме посериозно да ја сфаќаме државата. Се доближуваме едни кон други, не како подопашници, туку како различни, а рамноправни, зашто дел од сегашните државници и нивни блиски соработници израснаа и низ невладиниот сектор, како невладиниот сектор, граѓаните сега појасно ја сфаќаат државата и знаат како да соработуваат. Па, еден ден, можеби и ќе станеме вистинска држава и вистински граѓани, каде соработката ќе се одвива преку јасно дефиниран систем и нема да зависи од добрата волја или ниво на свест на поединците во моментот на фукнција. И каде колумнистите најпрвин ќе размислат и ќе си ги проверат податоците, а дури потоа ќе седнат да пишуваат. А граѓаните, исто така, политиката ќе ја практикуваат не низ кафеански муабети и читање колумни, туку преку активно, промислено, граѓанско делување и учество.
Јасна Шоптрајанова-Вртева, претседател на НВО “Јунона - младешка женска сила”
|