репортажа: Јужна Африка II
ВИРУС НА ОПТИМИЗАМ
Студиското патување во Јужна Африка беше дел од програмата Страници за меѓусебно разбирање која својот највидлив дел го има во страницата “Меѓутоа” што секој четврток ја објавуваат Дневник, Утрински весник, Вечер и Факти, како и неделникот Лоби. Претставници на МЦМС, Здружението на новинарите на Македонија и на весниците, имаа прилика да го видат начинот на известувањето во Јужна Африка, функционирањето на печатените, но и на електронските медиуми, да дознаат како тече процесот на помирувањето и како медиумите придонесуваат во тој процес и се разбира да запознаат дел од Африка и нејзините жители.
“Бамбуча”, новиот збор од рекламните пораки деновиве е во тренд! Симпатичното лице од екранот објаснувајќи ви ја метафората ви кажува дека “бамбуча е да го сркаш животот со голема лажица”!!! Така јас ги доживеав луѓето што живеат во Јужна Африка. Не заради големината на лажицата или нејзината содржина, туку заради нивниот став кон животот. По нервозните “фаци” што кај нас ги среќавате на секој чекор и непријатните пцости што не ретко и вам ви се упатени, вистинско изненадување се спокојните и насмеани лица што ги среќавате на улиците во Кејптаун, возачита кои застануваат пред да ја спуштите ногата на улица. Пресретливоста, љубезноста, отвореноста, особините со кои порано и ние се гордеевме едноставно ве “разоружуваат”. Овој менталитет е спасоносната формула на Јужноафрикаците. Поинаку не можам да ја објаснам таа состоба на духот. По сите страдања што ги претрпеле, по сите понижувања и третирања полошо од животни, по сите убиства, по с$, тие длабоко во себе нашле уште сила, уште енергија за да започнат со помирувањето. Процес што на крајот, по 10, по 20 години, не е важно кога, ќе резултира со простување.
Комисија за вистината и помирувањето
Со посебен акт Парламентот во 1994 година ја воспоставил Комисијата за вистината и помирувањето. Нејзин претседавач бил бискупот-нобеловец Дезмонд Туту. Комисијата имала за задача да ја извади целата вистина за апартхејдот на виделина. Без разлика колку сурова била таа, без разлика што откривала и најситни детали за најмонструозните злосторства, без разлика... Вистината е императивот за Јужноафриканците. Помирувањето не може да се случи без неа.
Комисијата оставила можност злосторниците да добијат амнестија. Ама, само ако ја кажат вистината, до најситен детал.
“До Комисијата стигнаа 7.000 барања за амнестирање”, вели д-р Фани ду Тоит, раководител на програми во Институтот за правда и помирување. “Пред Комисијата истапија и жртвите, ги имаше 22.000, своето искуство јавно го кажаа само 2.000 од нив”, додава Ду Тоит.
Кога ги читате сториите на новинарите кои ги забележале сведоштвата на жртвите, се прашувате дали е тоа возможно. Можно ли е една девојка да биде убиена, а потоа горена шест часа, заради нејзината политичка определба? Како е можно признанието излезено од устата на нејзиниот убиец да не предизвика желба за одмазда? А сепак не. “Луѓето ја дознаа вистината за нивните блиски”, ми вели нашиот домаќин Тапело Мокушане и самиот новинар и еден од оние што ги пренесувале овие потресни приказни со помош на националната телевизија. “Мајката што го изгубила синот не е желна за одмазда”, вели тој, “за неа, нејзиниот син е херој кој загинал во борбата за слобода. Таа го знае, тоа и тоа е доволно. Не сака повеќе да живее во минатото, сака да продолжи понатаму”, завршува Тапело.
Процесот на откривање на вистината што се водел пред очите на јавноста бил своевидна социјална катарза. Нацијата повторно го преживеала апартхејдот, сега многу поинтензивно и поконцентрирано за да може да оди понатаму.
“Луѓето се најсреќни во Јужна Африка”
“Каде живеат најсреќните луѓе на африканскиот континент”? ги прашуваше речиси сите наши соговорници еден од членовите на нашата група. “Овде, во Јужна Африка”, речиси без размислување одговорија сите до еден.
Јужноафриканците веруваат во борбата за човекови права. Тие победија во една таква борба. Веруваат во законите, во институциите. Уставот на земјата не е само највисокиот правен акт, тоа е четиво што се консумира секогаш. Некои од луѓето со коишто се сретнавме го носеа Уставот со себе, постојано. Како Библија. Кога бил подготвуван текстот на Уставот на Јужна Африка, пристигнале 2 милиони предлози од граѓаните. Не е ни чудо што граѓаните го почитуваат, го препрочитуваат, веруваат во него, тоа е акт произлезен од нив самите, тие чувствуваат дека овој документ е гаранцијата за нивната подобра иднина.
“Драматично се променети наставните програми за да се придонесе кон помирувањето и рушењето на стереотипите”, ни рече Клив Емонд, независен медија-тренер. “Црните и белите деца учат заедно. Разликите и не се забележуваат онаму каде што децата се еднакво мешани”, додава тој.
Новата страст на Јужноафриканците е економскиот развој на нивната земја. Владата се обидува да направи баланс меѓу нејзините богати и сиромашни граѓани, посебно поради фактот дека овие, вториве, се нејзините црни граѓани. Поволните заеми за започнување сопствени бизниси се на листите на понуди на сите банки, а се преземаат и други мерки. Се вложува во инфраструктурата на населбите каде што живее црното население, а која била запоставувана неколку десетици години. Покрај куќарките од ламарина, без вода и канализација, без струја, се градат куќи, нови, мали типски куќи со кои Владата сака да обезбеди подостоинствен живот за нејзините граѓани.
Јужноафриканците веруваат во иднината, веруваат дека таа им е наклонета. Генерацијата растена со Нелсон Мандела навистина му е лојална. Тој е нивниот светец. Уште во времето на апартхејдот тие знаеле дека се борат за неговото ослободување и знаеле дека кога ќе излезе од затвор ќе стане претседател на Јужна Африка. Кога Мандела побарал од луѓето да го смират гневот, тие го сториле тоа. Решиле да му дадат шанса на мирот. И тоа го прават секојдневно. Зашто да се даде шанса на мирот, не значи само да се откажете од оружјето, од одмаздата кон оние што ви згрешиле. Да се даде шанса на мирот значи активно да се учествува во изградбата на новиот поредок, во градењето на демократијата, во градењето на меѓусебната доверба.
Тие знаат дека сегашната состојба не е идеална, дека им претстои уште работа за да стигнат до посакуваната цел. Но тие се полни со надеж, полни со оптимизам. Кога зборувате со нив, ви се чини дека нема непремостливи пречки, нема нерешливи проблеми, тие му се препуштаат на размислувањето за иднината со жар, ги прават своите планови со ентузијазам. Имаат ли овие луѓе секојдневни проблеми, ситни, што понекогаш н$ фрлаат во очај? И да имаат, не можете да ги забележите. Насмевката на лицето на таксистот што цел ден седи позади воланот не се трга. Тој знае дека ова е премногу работа, дека има малку време за одмор, ама верува дека ќе му биде подобро. Можеби утре, можеби за неколку месеци или година, но тој верува во тоа и знае дека ќе биде така. Ако не за него, тогаш за неговите деца. Оптимизмот на Јужноафриканците е заразен. Како вирус. Вирус на оптимизам. Можеме ли да го увеземе?
Де Клерк
Де Клерк, човекот што ја преобразил земјата, седел во Советот за безбедност на ЈАР каде се носеле одлуки за убивање. На прашањето зошто не направил нешто да ги спречи тие одлуки, изјавил дека во Советот зборувале за толку многу работи што не обрнал внимание на тие одлуки.
Националниот радиодифузер на ЈАР
“Нашата уредувачката политика е заснована на објективност, точност, балансирани и проверени приказни. Не ги охрабруваме новинарите да ги кажуваат своите политички ставови, веруваме во факти”, вели д-р Снуки Зикалала, директор на вести во националната телевизија.
Јужноафриканската национална телевизија и радиото имаат околу 3.000 вработени. Нивната програма допира 20-22 милиони луѓе. Еден од каналите е сателитски и емитува вести за целиот африкански континент. 85% од буџетот се од приватниот сектор, обезбедени преку реклами, 2% се од Владата и 13% од радиодифузната такса.
Набљудување на медиумите
Јужноафриканското општество е едно од најбудните на прашањето на расата. “Расизмот и сега е присутен во секоја институција. Тој с$ уште е еден од најголемите непријатели на процесот на демократизација и помирувањето”, велат во органзацијата што спроведува набљудување на медиумите. Организацијата го набљудува известувањто за расите, но и за децата, полот, жените и сл.
“Сите весници во ЈАР се посветени на почитување на законитоста, демократијата и процесот на помирување, или барем така се декларираат. Јазот настапува во екстремните ситуации. Расизмот продолжува на суптилен начин. Кога црните луѓе ќе направат злосторство, новинарите индиректно асоцираат на расата на злосторникот. Иако во текстот не се споменува бојата на кожата, се кажува од каде е сторителот (името на тауншипот ја идентификува расата) или се објавуваат фотографии на кои повеќе од очигледна е расата.”
|