КОНЦЕПТИ
Погледнете низ нивните очи
Граѓанските организации во Македонија во последно време, освен со другите, се соочуваат и со проблемот на неповолниот имиџ што се создава кај јавноста, а кој се однесува на нивната работа. Тенденциозно или заради недоволно информации кај јавноста се формира стереотип за тоа што се граѓанските организации. Стереотипот ги претставува како „пералници на пари“, „семејни бизниси“, „продолжена рака на странскиот фактор“ и слично. Ваквиот стереотип никому не може да му биде од полза. Ни на граѓанските организации, ниту пак на државата во која работат.
За жал, со тенденциозноста многу тешко ќе се справиме. Простор за поправање на ваквата состојба има доколку се работи за втората причина - недостатокот на информации. Граѓанските организации треба да воспостават релации со јавноста и да и го предочат начинот на работење, целта на нивното формирање, резултатите и ефектите од нивната работа. Затоа е потребно уште еднаш да ги преиспитаме нашите вештини во водењето односи со јавноста.
Во овој и во следните два броја Ќе ве потсетиме на основните елементи на односите со јавноста.
Што се односи со јавноста?
Кога се размислува за односите со јавноста често во преден план е некаква сензационална промоција на постигнувањата на организацијата. Односите со јавноста пред се се корисни за организацијата за да и помогнат да стане покритична кон својата работа. Гледајќи ја вашата организација на начинот на кој ја гледаат другите, може да станете подобри и може да бидете сигурни дека на корисниците им ја давате најдобрата можна услуга.
Дури и многу од оние кои имаат познавање од односи со јавноста погрешно веруваат дека се работи за односи со медиумите, но односите со медиумите се само дел од односите со јавноста. Според Институтот за односи со јавноста, официјалната дефиниција е „планиран и одржлив напор за да се воспостави и одржи добра волја и меѓусебно разбирање помеѓу една организација и нејзината јавност.“
што значи ова за граѓанските организации? За вас односите со јавноста значат да се проектира имиџот или личноста на вашата организација на вашата сопствена „јавност“ - корисници, поддржувачи, спонзори, донатори, локалната заедница и вашата друга публика, како на пример вашиот локален совет, другите добротворни организации и да не го заборавиме персоналот и волонтерите.
Значи се работи за пренесување на вашата порака до вашата публика, но тоа е двонасочен процес. Вие мора да комуницирате со вашата публика, но треба исто така да & овозможите на публиката полесна комуникација со вас. Еднонасочната комуникација е саморекламирање. Вистинските односи со јавноста вклучуваат дијалог - вие треба да ги слушате другите, да ги гледате нештата од нивна перспектива и нивните критики и жалби да ги разгледа одборот на вашата организација, особено ако доаѓаат од корисниците на вашите услуги.
Зошто ни се потребни односи со јавноста?
Како граѓанска организација вие ја гледате вашата улога како давател на услуги, или како некој што води кампањи, собира парични прилози, или што било друго, но за да соберете пари за да го правите она што го правите, треба да создадете профил - кај јавноста, кај другите организации, како и кај локалните власти, кај централната влада и донаторите. На се’ поконкурентниот пазар, со се’ повеќе организации, а со се’ помалку пари, оние кои имаат создадено профил се тие што Ќе си обезбедат пари. Можеби ова звучи неправедно, но тоа е реалноста.
Некои граѓански организации се особено претпазливи во односите со јавноста. Тие погрешно веруваат дека односите со јавноста имаат за цел да се промовираат постигнувањата на еден сензационален начин. Тие мислат дека станува збор за сјаен имиџ; мислат дека станува збор за прикривање на грешките и недостатоците во нивната организација.
Секогаш ќе постојат луѓе кои ќе се бунат заради тоа што хуманитарните организации или воопшто граѓанските организации трошат пари на односи со јавноста, луѓе кои ги сметаат односите со јавноста за скап луксуз или за тотално непотребна или несоодветна работа. Многу донатори и членови на јавноста веруваат дека секој денар од приходот на хуманитарната организација треба да оди директно за целта: тие се неволни да ја спонзорираат администрацијата и Ќе се повлечат доколку парите се трошат на односи со јавноста. Но, доколку станува збор за добро осмислена, просветена и внимателно структурирана кампања за односи со јавноста која создава позитивни бенефиции, Ќе видите дека тие луѓе немаат повеќе оправдувања; дури можеби и ќе ги замолите да подзастанат и да размислат уште еднаш за својот став кон односите со јавноста.
Разговарајте со вашата публика
Добрите односи со јавноста може да резултираат со подобрена услуга за вашите целни групи: со насочување на нивните потреби и со гледање на нештата од нивното гледиште, така што она што го правите може да биде уште подобро. Тоа е она што лежи во основата на односите со јавноста. Станува збор за слушање на другите и развивање двонасочен процес, кој се темели на меѓусебна доверба и разбирање.
Вие треба да ја видите вашата организација на начинот на кој ја гледаат другите и да ги вклучите корисниците и оние кои ве поддржуваат за да ја подобрите вашата работа. Добра точка за почеток е да разговарате со вашата публика и да откриете што мислат тие за вас. Прашајте ги корисниците за вашата услуга за да добиете идеја како би можеле да се подобрат нештата. Откријте од членовите како би можеле да развиете подобра интеракција со нив. Зборувајте со оние кои ве поддржуваат што би сакале да видат тие. И, прашајте го вашиот персонал, исто така. Чудесно е колку многу добри идеи Ќе имаат тие, но без позитивното охрабрување, тие можеби нема да ги искажат. Со критичниот однос кон себеси, кој се создава доколку се гледа преку очите на другите, вие може да воведете подобрување во многу области на вашата работа. Може да станете подобри во комуникацијата и во слушањето.
Подготвила: Гонце Јаковлеска (Користен материјал: “The daily guide for public relations”, Мои Али)
|