интервју: Никола Писарев, проект-менаџер во Центарот за современи уметности - Скопје
Даваат резултати иницијативите кои потекнуваат од заедниците
Практично секоја локална иницијатива ја има нашата логистичка поддршка, сите ресурси на Центарот се постојано на располагање на локалните иницијативи
Центарот за современи уметности, сместен од минатата година во Куршумли ан во Скопје, дел од својата работа ја фокусира и на културниот развој на руралните региони во Македонија. Откривањето и потенцирањето на можностите за развој на подрачјата кои поседуваат културни и природни потенцијали, претпоставувам е предизвик за работа во сегашни услови. Согледувајќи ги потребите на малите заедници, односно тоталното отсуство на културни настани во нив, Центарот уште пред три години реши да започне со спроведување на една програма за културен развој на руралните региони. Практично првите две години беа пилот-фаза за да можеме да ги согледаме реалните потреби на населението и да изнајдеме модалитети како ние да се вклопиме и да помогнеме во сето тоа, но и да овозможиме потенцијали за развој на регионите. Всушност, нашите идеи за културен развој на руралните краишта се базираат на насочување на локалните потенцијали и креативни идеи. Не можете да дојдете во село и да натурате идеи, можете да организирате по некој настан како што правиме ние, селски кина и разни концерти, но тоа се настани интересни за сите, практично тоа се еден вид атрактори. Кога се работи вакво нешто, треба многу да се внимава бидејќи доколку иницијативите не потекнуваат од заедниците, тие не ги даваат очекуваните резултати. Секоја активност мора да произлезе како плод на идеја на локалното население. Практично ние иницираме процеси кои на крајот раѓаат иницијативи што понатаму ги анализираме, канализираме и помагаме. Ова е всушност и основниот концепт за одржлив развој кој би можел да се примени кај нас, особено во услови кога се работи со ниски буџети, затоа што само иницијативите кои потекнуваат од локалните заедници се одговор на нивните потреби и проблеми и имаат шанса за успех.
Кои се Вашите искуства од работата со организациите од руралните подрачја? Колку се отворени тие за соработка, кое е нивното ниво на прифаќање нови идеи за развој? Што им нудите? Центарот главно работи во руралните региони со поголем број живи села, практично нашата работа ја насочуваме кон оние региони во кои постојат големи и живи села, каде има млади луѓе кои сакаат да продолжат да живеат на село и да работат на нивниот економски, социјален и културен развој, како и на развојот на содржините кои се одвиваат во нив. Никогаш не сме работеле во село каде што нема млади, каде што младите се иселени. Во такви краеви е бесцелно да се обидувате да работите на културниот развој или на канализирање на креативните иницијативи. Доколку во еден регион отсуствува младата и средната генерација мислам дека шансите за просперитет на тие заедници не се големи. Освен ако не се работи за села кои можат да понудат извонредни туристички атракции или нешто слично и со тоа би ги привлекле инвеститорите и луѓето кои би се населиле таму, но сепак тоа е с$ уште мислена именка за Македонија.
Интересот за соработка од страна на локалните организации и други структури главно постои, интересно е дека тој постојано се зголемува во регионите каде што работиме и ги имплементираме нашите проекти. Нашата цел е да покажеме преку примери што с$ може да се направи во една заедница за нејзин побрз развој, но одлуката за отпочнување одредени иницијативи мора да биде иницирана од страна на локалните огранизации. Кога една таква иницијатива ќе се оформи, таа веќе ја има поддршката од заедницата. Наше е потоа заедно со локалните граѓански организации или власти да ја формулираме, да & дадеме изглед, да помогнеме во изнаоѓањето средства да помогнеме во реализацијата... Практично секоја локална иницијатива ја има нашата логистичка поддршка, сите ресурси на Центарот се постојано на располагање на локалните иницијативи. Некни, на пример, на сретсело на плоштадот во Ростуше имаше директен пренос од изборот на песна за Евровизија. Идејата беше нивна, ние дадовме опрема, резултатот беше 400 луѓе на сретселото.
Одат ли вашите досегашни активности во насока на оформување една подолгорочна, специфична стратегија во анимирање на творечката енергија на граѓаните? Формирање стратегија за културен развој на руралните региони е малку посложен процес, всушност вакво нешто нема ниту во една книга, не можете да најдете основа за вакво нешто, а кога креирате стратегија морате многу да внимавате затоа што ако направите некоја грешка, таа може да има далекусежни последици. Сега-засега, можеби кон крајот на годината или до година планираме да воспоставиме соработка со организациите од регионот и од Европа кои работат на сличната проблематика, да споделиме искуства и позитивни и негативни, да видиме дали постојат некои заеднички алки во сите тие иницијативи, па дури потоа можеби да пристапиме кон креирање една таква стратегија. Лесно е да ги канализирате креативните потенцијали на заедниците и да добиете позитивни резултати, но требаат години за, врз основа на тоа, да извлечете заклучоци кои би ги употребиле за изработка на стратегија која би можела да биде општо прифатена.
Колку проектите што ги спроведувате во себе содржат регионални искуства, имате ли потреба од нив? Ако под регионални искуства подразбирате соработка помеѓу заедниците во еден регион, тогаш имаме многу. Ниедна иницијатива не е наменета стриктно за едно село, секогаш се вклучени повеќе села, па и цели општини. Интересно е што некои региони соседни на регионите каде се имплементираат проектите, покажуваат интерес да преземат иницијативи. Отворени сме за соработка доаѓаат, гледаат, учат. Тоа е добро и позитивно, битно е процесите да започнат.
Пролетва бевте организатори на првиот саем “Живо наследство” кој предизвика интерес во јавноста и во медиумите. Дали продолжувате да работите во истоимената програма на ФИООМ и во која насока? Да. Центарот работи на техничката и административната координација на проектот за ревитализација на Старата скопска чаршија при програмата Живо наследство на ФИООМ. Во подготовка е веб-страницата за чаршијата. Идејата за организирање на саемот произлезе од потребата проектите остварени од локалните заедници да се претстават на широката јавност, луѓето треба да дознаат што с$ е направено, што с$ се нуди за да можат да го искористат тоа. Попусто е ако имаме уредени водопади и пристапи до нив ако тоа го знаат само селаните од околните села. Колку повеќе луѓе знаат за работите што може да ги видат, толку подобро. Само преку презентација и реклама може да се очекуваат ефекти, односно посетители на делот на проектите на Живо наследство. На пример, ако овој викенд 50-тина луѓе го посетат езерото Локуф на Дешат или Смоларскиот Водопад, тие ќе потрошат по некој денар во селата и ете ви мала финансиска инјекција. Луѓето сами ќе се сетат да им продаваат дребулии и локални сувенирчиња и прогресот е неминовен. Саемот имаше и финансиски позитивен ефект. Луѓето кои произведуваат традиционални предмети продадоа доста тие денови, примија и многу нарачки, тоа е голема работа за производителите. Ним не им е проблем производството, туку пласманот. Со оглед на сето ова, се надеваме дека и следната година заедно со ФИООМ повторно ќе организираме еден ваков саем.
Катерина Богоева
|