Одбележана двегодишнината на Интерпартиската парламентарна лоби-група
Парламентот ќе стане пристапен и за лицата со инвалидност
“Едни се директно засегнати, други треба да споделат дел од својата граѓанска одговорност со нивсите заедно да стигнеме побрзо до ветената Европа” - Лилјана Поповска, претседателката на ИППЛГ-група
Педесетгодишната скопјанка Марија М. живее во своите две деца во стан од триесет метри квадратни. Нејзиниот дваесетгодишен син е инвалид на кој му е потребна нега, иако тој не ја добива паричната помош за тоа. Објаснувањето на Министерството за труд и социјална политика е дека веќе еден месец недостигаат обрасци на кои ќе се напише наод, оценка и мислење со кои се добива правото на овој додаток и дека затоа не работат лекарските комисии за оценка на работна способност. Иако, и пред да ги снема тие обрасци, во текот на зимата, членовите на комисиите воопшто не оделе на увид во домовите на луѓето што самите не можат да се грижат за себе.
Овие проблеми сега, за разлика од пред две години, не ги мачат само државните институции, туку и Интерпартиската парламентарна лоби-група, единствена од таков вид во Европа (покрај онаа во Европарламентот), која се занимава со правата на лицата со посебни потреби. Неодамна, оваа група одбележа двегодишнина од своето постоење, по кој повод се промовира кампања за граѓанска иницијатива со собирање на 10.000 потписи за носење системски закон за лицата со хендикеп. Носењето на овој закон има за цел поставување широка рамка за носење и други закони од оваа сфера, како и усогласување на законската регулатива со новиот закон. На свеченоста претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски, вети дека ќе се погрижи да обезбеди пристап за инвалидизираните лица во законодавниот дом. Досега такви пристапи до Собранието и кабинетите на пратениците не постоеја.
“Конечно, Парламентот ќе стане пристапен за лицата со инвалидност. Направен е проект за адаптирање на влезовите и од следниот месец очекувам да почне изградбата. За тоа, како и за донесување конкретни законски иницијативи, се залагавме уште од самиот почеток на формирање на групата”, вели Лилјана Поповска, претседателка на Интерпарламентарната лоби-група. Таа оцени дека во текот на претходните две години, тие, како лоби-група, постигнале одредени подобрувања за лицата со посебни потреби. “Донесена е Декларација за унапредување на правата на овие лица во Парламентот, подобрени се текстовите во одредени закони и правилници. Партиципацијата за ортопедски помагала е намалена од 40 на 10 отсто. Направени се измени во Законот за социјална заштита за опфатот на лицата корисници на одредени погодности. Подобрени се текстовите на Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градба за што дадовме амандмани кои беа прифатени и од комисијата и од министерот. Очекуваме со тие два закони дефинитивно да се спречи можноста да се гради или проектира без да бидат земени предвид совладување на просторните бариери, па така, објектите е предвидено задолжително да бидат со приоди”, вели Поповска.
Таа нагласува дека реалната состојба на лицата со инвалидност е лоша. “Најголем дел од нив живеат во беда, заградени во ѕидови без можност да заработуваат врз база на своите способности и да се чувствуваат достинствено, како самостојни и продуктивни луѓе. Наместо тоа, најчесто се оставени со горчливо чувство на прекубројни, како товар на другите”, оцени Поповска.
Според неа, кај нас постојат закони кои ја регулираат проблематиката на инвалидите и воопшто на лицата со посебни потреби, но не постои имплементација на законите поради слабото функционирање на институциите на државата во целина што ја прави оваа група особено беспомошна.
Претседателката на ИППЛ-групата ја илустрира состојбата на лицата со посебни потреби преку примерот со надомест на туѓа нега и помош. Се работи за финансиска поддршка на одредена категорија луѓе, меѓу кои голем дел лица со инвалидност или попреченост. До Поповска, како претседателка на ИППЛ-групата, дошле забелешки или лични искажувања на заинтересираните бидејќи тоа право е тешко да се оствари.
“Дефекти има на сите нивоа. Законската основа за надомест е нереално ниска (до 30 проценти од просечната плата) и не овозможува покривање на трошоците во случаи кога е потребно целодневно нудење помош. Оваа грешка се надоградува со Правилникот, каде што нема соодветна градација на критериумите за добивање надомест. Процедурата за стекнување право на надомест е комплицирана и скапа, а во практиката понекогаш заличува на хорор. Посетата на стручната комисија се чека и по неколку месеци. Неодамна слушнавме дека причина била недостигот на обрасци, а лани причината беше недостигот на возила за посета на странките”, објаснува Поповска, и додава: “Контролите на правото за надомест се утврдуваат на 6 месеци, па и кај оние со трајна физичка инвалидност. Што ли очекува комисијата да види по 6 месеци?! Недоречености, бирократизам, незаинтересираност, грешки, а од друга страна, маса луѓе што не можат да ги остварат своите права”, вели таа.
По направената анализа на ИППЛГ-групата за состојбите со туѓа нега и помош, која ја испратиле тие до надлежните, се презеле одредени мерки за ревизија на жалбите, но само накратко. Затоа, Поповска нагласува дека е треба да се обезбеди антидискриминаторска легислатива и да се применат политики на социјална инклузија-вклучување. За овие цели, додава таа, постојат на располагање разни фондови. “Потребна е добра соработка меѓу Владата, Парламентот, граѓанскиот сектор и стручните лица, но не само декларативно, туку успешно и искрено, на повеќе нивоа. Укажувањата треба да се сфатат добронамерно затоа што на сите ни треба добро регулирање на овие прашања. Едни се директно засегнати, други треба да споделат дел од својата граѓанска одговорност со нив. А сите заедно да стигнеме побрзо до ветената Европа”, потенцира претседателката на ИППЛГ-групата.
Анализа
Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни потреби направила анализа за оваа категорија луѓе и нивните проблеми во врска со добивање туѓа нега. Тие согледале дека постои комплицирана и скапа процедура за обезбедување цела потребна документација. “Еден ист предмет по два пати поминува низ истите раце кај комисијата за наод и оценка и кај лицата од Центарот за социјална работа. Дополнително, треба да се имаат предвид ниските примања и недоволната информираност на барателите, кои, често пати, лутаат од шалтер на шалтер”, се вели во нивната анализа, во која групата сугерира да се поеднностави оваа процедура и да се размисли за намалување на цената на чинење на документацијата од околу 1.500 денари. Според ИППЛГ, постои долг период на чекање за утврдување на фактичката состојба од комисиите за наод и оценка, кој трае со месеци, како и неопфатеност на сите лица со интелектуална попреченост над 26 години. Групата посочува и на непрофесионална, бирократска и арогантна комуникација со странките од страна на некои претставници на институциите на Министерството за труд и социјална политика. ИППЛГ наведува и на проблеми и непотребни оптоварувања со ревизија на секои 6 месеци кај лицата со трајна инвалидност, потоа укинување на надоместокот веднаш по извршената ревизија, според субјективен наод или укинување на надоместокот поради тоа што корисникот не е затекнат дома или поради наводна грешка. Проблем, според нив, се и нереално ниските надоместоци, мешање на причината и последицата од повредата што довела до инвалидност, отсуство на издржана категоризација на надоместоците според потребата од туѓа нега.
Жаклина Ѓорѓевиќ
Автобуси за сите Според директивата на Европска Унија, секоја земја треба да обезбеди автобуси што ќе бидат целосно пристапни за лицата со инвалидност и за другите лица со ограничени можности. Автобусите треба да бидат нискодопни, со задолжителни рампи или лифтови, со приоритетни седишта, со место за инвалидска количка, со простор за куче-водич и со контрастни бои за лицата со оштетен вид. Оваа директива е дел од Европскиот акциски план за еднакви можности за лицата со инвалидност, донесен во ноември 2003 година од Европската комисија. Акцискиот план е многу поширок: пристап кон вработување, нови технологии и јакнење на лицата со инвалидност, пристапност во јавниот живот и активно граѓанско вклучување во сите животени текови. Европската слика за степенот на интегрираност на лицата со инвалидност ќе се види од извештајот за реализација на овој план што се очекува до крајот на 2005 година.
Министерство за труд и социјална политика Комисиите работат на терен Од Министерството за труд и социјална политика велат дека конечно е надминат проблемот со недостигот на обрасци и дека комисиите почнале да работат на терен за да се утврди фактичката состојба за нудење помош и туѓа нега на оние на кои им е потребна. Оваа состојба, која траеше со месеци, им правеше проблем на повеќе од 1.500 лица со посебни потреби бидејќи не ја добиваа неопходната финансиска помош за да обезбедат нега од друго лице.
Додатокот за нега на туѓо лице изнесува 3.300 и 2.900 денари месечно, а сега го примаат околу 5.000-6.000 инвалиди во земјава. Право на помош за туѓа нега имаат сите оние кои не можат сами да ги извршуваат основните функции, но не и за оние кои можат да се движат во просторија и ако можат сами да се хранат.
|