Да ја зголемиме самосвеста
Обичниот граѓанин и заедниците можеби и не знаат, или пак не им е воопшто грижа, дека за три-четири, можеби за повеќе или помалку години, странските донатори ќе заминат од Македонија и најверојатно ќе се фокусираат во друг реон на светот. Што по нивното заминување? Тоа прашање во моментот веројатно најмногу ги засега оние кои се директно вклучени во активностите на граѓанските организации коишто своите финансии во најголем дел ги црпат токму од странски донаторски фондации, агенции, меѓувладини или владини тела. Ги засега зашто најпросто кажано и најпросто гледано тие се први на удар, ќе станат невработени. Но, конечно, тоа ќе ги погоди заедниците, ќе го погоди обичниот граѓанин. Ќе ги погоди ако нивната самосвест за овие неколку години не се промени. Дали невладиниот сектор во Македонија, или поточно кажано “поголемите” граѓански организации и фондации во досегашниов неколкугодишен период, кои најчесто се јавуваа како донатори на граѓански иницијативи, не придонеле таа самосвест да ја закржлават? Најверојатно да, зашто не може да се поттикне заедницата или граѓанинот да вложи сопствен напор за изнаоѓањето повеќе решенија за сопствените проблеми ако една НВО целосно покрие една граѓанската иницијатива, финансиски или на друг начин. Треба да се поттикнат и тие да преземат дел од обврските, за почеток тоа нека биде 10, 20, 30 проценти од “колачот”. Целосното потпирање на луѓето и на заедниците врз НВО, со текот на времето, доведува до негативни ставови на јавноста спрема НВО. Локалните НВО се чувствуваат “изневерени” кога нивните проекти или побараните услуги се одбиени. Веројатно истото важи и за заедниците и за поединците кои конкурирале за некаков вид помош. Тогаш, за тоа се виновни донаторските НВО, залепувајќи им различни негативни етикети. Што е тука погрешно? Една од приватните медиумски куќи во своите вести ќе објави трогателна сторија каде што семејството останува без покрив над главата со завршен коментар “каде се сега невладините организации?”. Но, дали е тоа работа на невладините организации? Тие се тука да го пополнат вакуумот што може да го создаде државната бирократија и да помогнат во даден случај, но никако не се одговорни за тоа. Зошто медиумите, заедниците или граѓанинот не го повикаат на помош бизнис-секторот? Дали треба една заедница да бара помош од НВО да го собере селскиот смет, или пак можат или треба самите жители да се организираат и да се мобилизираат, или пак во таа активност, повторно, зошто да не се бара да се вклучи и бизнис-секторот? Вакви прашања можеме да си поставуваме многу, а кога малку посовесно ќе размислиме, одговорите можат да се многу едноставни. Само, за тоа сите ние мораме самосвеста да ја подигнеме на многу повисоко ниво. Позитивни примери веќе почнуваат да се случуваат. Нив можете да ги препознаете и во некои од текстовите на Граѓански свет.
Даниел Медароски
|