ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА МАКЕДОНИЈА
Правата на децата - во зачеток или непознати
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, во рамките на својот извештај за минатата година, посебен дел им посветува на правата на децата. Според Извештајот, „Седум години по ратификувањето на Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија, децата сe уште не се третираат соодветно како субјекти на правото. Нивните права често произлегуваат од правата на родителите и семејството, а Законот за семејство, во делот во кој се уредуваат односите помеѓу родителите и децата, ги определува правата на родителите, а воопшто не зборува за правата на децата. Правото на детето на активно учество во заедницата и во училишниот систем сe уште е во зачеток или е сосем непознато”.
Комитетот смета дека Центрите за социјална работа делуваат непрофесионално и незагрижено, а заедно со полицијата, здравствените установи и училиштата не се доволно обучени за заштита на децата кои се жртви на насилство и злоупотреба.
„Не постои точна евиденција на злоупотребени деца, улични деца, случаи на злоупотреба на детски труд, трговија со деца и деца вклучени во малолетничка проституција, иако е јасно дека бројките не се занемарливи; нема засолништа и прифатилишта за деца од улица, деца кои се физички и психички малтретирани, сексуално злоупотребени, а Законот за заштита на децата, донесен во ноември 2000 година, не содржи соодветни одредби кои се однесуваат на правото на детето на недискриминација, најдобар интерес на детето, правото на детето слободно да го изразува своето мислење, слободата на мисла, совест и вероисповед, правото на приватност и така натаму” - се вели меѓу другото во Извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.
|