Џорџ Сорос е „ифрит лут“
Сорос направи милијарди предвидувајќи “финансиски крахови” - сега мисли дека Буш создава еден
(Продолжение од минатиот број)
Сорос си направи финансиска и филантропска кариера без да види дали обичните, секојдневни ситуации се претвораат во нешто што е далеку од вообичаеното. “Животот се создава на границата на хаосот”, вели Сорос, “па затоа јас се специјализирам токму за ситуации кои се на границата на хаосот. И токму таму сум најдобар”. Тој стана еден од најбогатите луѓе на светот со тоа што ги трасира тие моменти на промена - и реагираше на нив порано од останатите финансиери и многу порано од повеќето влади. Сорос е убеден дека токму сега е таков момент.
Еден вид криза која ја предвидува Сорос е економската. Во една од своите книги, Сорос дава пример на “бенигнен круг” во кој валутите стабилно растат кога економијата е силна, а инвеститорите гравитираат кон купување акции и обврзници во растечките валути (тоа е ситуацијата во која САД се наоѓа во поголемиот дел од изминатата деценија). Но, кога имаме една обратна шема, кругот се одмотува зачудувачки брзо. Сорос мисли дека тоа може да им се случи и на САД како резултат од растечкиот дефицит и воените трошоци.
Но, поголемиот “балон” којшто го гледа Сорос е идеолошки. “Сегашната криза, онаа која ја предвидувам, т.е. кризата на глобалниот капитализам, последната нејзина верзија, е политичка и воена криза”, ми кажа Сорос вознемирено. “Таа криза ја предизвика експлоатацијата на настаните од 11 септември од страна на администацијата на Буш, со цел да ја оправда својата политика за доминација со светот, под маската на борба против тероризмот”. Во неговите записи, Сорос раскажува како се развиваат балоните на трендот на “самозајакнување”, кога една погрешна претстава - било да е таа на полето на финансиите или политиката - преживува еден споредбено лесен тест, којшто доведува до тоа некоја идеја неодржлива на подолгорочен план да изгледа јасна на краткорочен. Ете како Сорос гледа на војната во Ирак. Брзата воена победа ја засили погрешната претстава дека благодарение на непобедливата војска, САД можат да ги остварат меѓународните цели со то што ќе одат во војна. Во нацрт-планот на неговата следна книга “Балонот на американската надмоќ”, Сорос уште посилно ја презентира оваа идеја: “Ние се заплеткуваме во бруталниот круг на ескалирачко насилство”.
Во последните 10 години, Сорос има дадено четири милијарди долари за секаква намена, почнувајќи од лекување на туберкулозата во руските затвори, с$ до поддршка на дисидентите во Зимбабве и изградба на болници за тешко болни во САД. За оние кои водат сметка, тој годишно дава речиси исто колку фондацијата Форд. Тој има напишано седум книги од областа на економијата и светските прашања, многу трактати од областа на политичката теорија и комплексните економски програми. Фасцинантниот обем на неговите остварувања не става во позиција да се засрамиме да ги споменеме, знаете веќе што, неговите пари, кои се и основната причина поради која се заинтересиравме за Џорџ Сорос.
Но, токму луѓето кои го познаваат Сорос како менаџер и човек кој прави пари, можат најдобро и најпрецизно да кажат што е она што го движи напред. Стенли Дракенмилер, кој цела деценија го водел Соросовиот фонд Квантум (Љуантум): “Тој е извонреден човек, извонреден менаџер. Но неговата најголема сила, да не ме сфатите погрешно, лежи во неговата храброст. Кога тој гледа нешто, очигледно или неочигледно, тој ќе се обложи на тоа многу повеќе од останите”.
Описот на фондот Квантум, обично го става во категоријата на “макрофондови” - кратенка за неговата стратегија на ставање големи облози на светските макроекономски настани. Лесно е да се заборави дека пред Сорос не постоеше нешто како макрофонд. Постоеја фондови на акции и на обврзници (ни одблиску толку колку што ги има сега), но Сорос измисли нешто ново. И еве го пред вас - менаџерот на фондови кој го виде целиот свет како сцена, кој се обложуваше на валутите и на берзанските индекси, кој се обиде да го погоди однесувањето на централните банкари кои навистина беа негови најблиски колеги. Дракенмилер го опишува Сорос како првиот менаџер на пари кој рекол: “Јас не морам само да тргувам со акции и обврзници -јас имам пет, шест оружја на располагање... ќе одам онаму каде што има акција”.
Сорос го основа својот прв инвестициски фонд во 1969 година со 4 милиони долари, од кои само дел беа лично негови. Помеѓу таа година и 2000-та, последните дванаесет години со помош на Дракенмилер, неговиот примарен инвестициски фонд просечно враќаше 31% годишно, со само 3 годишна загуба (кризата на техничката берза во 2000 година како една од нив). Денес, неговата инвестициска компанија има околу 12 милијарди долари. Од нив, 7,4 милијарди се во примарниот фонд “Љуантум Ендоњмент”. Иако Сорос тврди дека има и други надворешни инвеститори во Квантум, поранешните директори на неговиот фонд веруваат дека најголемиот дел, ако не и сите 7,4 милијарди долари му припаѓаат на Сорос и неговото семејство.
Богатството кое го стекнал Сорос и регуларноста со која тој ги предвидува пресвртите во светската економија, прикриваат колку всушност стекнувањето пари било болно и емоционално искуство за него. Во едно интервју со Бајрон Вин во “Сорос на Сорос” (Сорос он Сорос), збирка разговори на тема пари и политика, тој признава дека често пати знаел дека е време да продаде некоја позиција, кога грбот почнувал да го убива од болки. А кога ја опишува 1981 г., таа за него ужасна година како инвеститор кога изгубил 23 % од својот фонд, за неа зборува како за “експлозија”, не како за неуспех во анализата, туку како за еден несвесен, инстиктивен одговор.
Сорос отсекогаш го збунувала неговата натприродна способност да прави пари на финансиските пазари. Иако за тоа има напишано книга, Алхемија на финансиите, тој никогаш не верувал дека неговиот талент може да “подучува”, ниту пак успеал кога било да го објасни тоа. Крајниот резултат од неговите теории во врска со финансиските пазари е дека додека во нормални, обични времиња, пазарите ондулираат со стабилни, кривулести бранови коишто ги познаваме од пазарните табели, постојат и невообичаени периоди кога пазарите брзо се менуваат, а интеракцијата помеѓу пазарната реалност и очекувањата на инвеститорите создава моќни и самозасилувачки трендови - финансиски балони и крахови. Сорос милува да ги опише овие ситуации како “далеку од рамнотежа”, што звучи како безбеден, дури и научен термин за ситуациите коишто за повеќето луѓе се застрашувачки и изненадувачки.
Сорос се обидува да ги препознае тие ситуации по малите знаци кога “нормалното” се претвора во балон, набабрен круг или криза. Сите знаеме за ураганот која започнува со павкањето на крилјата на пеперутката, но Сорос е еден од ретките кои постојано ги следат импликациите. Често пати тие знаци доаѓаат од политиката: Сорос е експерт за забележување на примерите кога државниците, министрите за финансии и политичарите се обидуваат да реагираат колебливо и нецелосно на големите економски и општествени трендови, кои тукушто не избувнале во кризи.
Сорос и Дракенмилер направија милијарда долари обложувајќи се дека британската фунта ќе заслабне. Во “Сорос на Сорос” тој вели дека низата настани кои доведоа до облогот започнаа со еден избрзан коментар на германскиот министер за финансии во врска со лирата. Тоа го наведе Сорос да верува дека целокупниот европски пазар на валути е многу понестабилен отколку што кој било помислил. Еден таков пример на навидум мал настан којшто навестува големо нарушување и на којшто често пати се навраќа тој, е телефонскиот повик од страна на Михаил Горбачов кон познатиот дисидент Андреј Сакаров во 1986 година. Тоа за Сорос беше малечок, но непогрешлив знак дека целокупниот советски систем е на работ на трансформација.
Разбирањето на хаосот е нешто коешто Сорос го спроведе во она што тој го нарекува лабораторија на финансии, како и во читање и пишување филозофија, но тоа исто така има длабоки корени и во неговата психа. Со неговото семејство беа дел од малцинството Евреи во Будимпешта кои ја преживејаа нацистичката инвазија на Унгарија во 1944 г. Неговиот тако, Тивадар Сорос, напиша една кратка, но фасцинантна книга наречена Маскарада, во која ги опишува месеците во кои семејството се криело и бегало од Германците и нивните соработници. Со луциден, неформален тон, Маскарада говори за начинот на кој многу евреи од Будимпешта, кои не можеле да видат колку всушност била мрачна нивната ситуација, паднале во замката на “еврејските закони” - тие дури и одговарале на повиците на локалната полиција да бидат депортирани во концентрациските логори по азбучен ред. Сепак, малкумина, меѓу кои Тивадар Сорос и неговото семејство, успеале да го исползуваат воениот хаос и да го прикријат својот вистински идентитет.
“(Мојот) поглед на светот, би рекол, се оформи во голема мера во трауматските искуства од Втората светска војна, кога Унгарија беше окупирана од страна на нацистичка Германија и кога евреите ги депортираа во Аушвиц”, ми кажа Сорос. “Јас бев среќен што имав татко кој разбираше дека тоа не е нормално. Тоа е далеку од рамнотежа. И ако ги следиш правилита кои вообичаено ги следиш, судено ти е да умреш. Јас учев од голем мајстор во Втората светска војна и делумно го применив неговиот поглед на светот на финансиските пазари и на мојата политичка визија”.
9/27 Fortune Magazine profile (Завршува во наредниот број)
|