Организираната заедница и нивниот свештеник досега прифатија 97 деца
“ДОАЃАА ОВДЕ ДА НАЈДАТ ЉУБОВ!”
На денот на “Св. Петар и Павле” во малата црква во селото Вала Попули во Романија беше многу свечено. Службата се случуваше во дворот на црквата, кој беше преполн со луѓе. Она што му паѓаше во очите на оној што нема многу информации за селото е големиот број деца наспроти малиот број возрасни. Тие не личат како да се браќа и сестри, некако се на многу слична возраст, многу различни физички… Но, си велите, можеби само си замислувам. А потоа пак се фаќате како ги анализирате жителите на Вала Попули облечени во свечена облека, како ја следат службата.
Мисијата на отецот Николас Танасе
Отецот Николас Танасе е голем противник на абортусот. Неговата мисија е да ги убеди идните мајки да ги родат своите деца наместо “да се ослободат од нив”. Ако немаат услови на друго место, тие можат да ги родат своите деца овде, во Вала Попули. Дали и понатаму ќе останат со нив е нивна одлука. Доколку решат да ги напуштат децата, оваа заедница ќе се грижи за нив.
Навистина звучи неверојатно. Како засолниште.
“Во почетокот само зборувавме против абортусот”, вели отецот Танасе. Не планиравме да носиме деца тука, но жените започнаа да ги напуштаат своите деца”, вели отецот. “Тогаш бремените жени доаѓаа, не за материјална помош, туку да најдат љубов тука”, додава тој, полека галејќи ја својата долга брада.
Маркантната појава на отецот Николас Танасе не може да не ви го окупира вниманието. Во дворот на црквата, кој со едно преместување на дрвената ограда се спои со дворот на соседната куќа, беа поставени големи маси за ручек. Тој н$ покани да им се придружиме на другите гости. Додека домаќинките го нудеа она што нивните умешни раце го направиле за тој ден, а децата трчаа наоколу обидувајќи се да помогнат, отецот Танасе ни раскажа како го донел првото дете во Вала Попули.
Луцијан Цизмару бил стар само дванаесет дена кога мајка му го доверила на нејзиниот селски свештеник, кој контактирал со отецот Танасе и го замолил да му најде дом на детето. Отец Танасе пропатувал неколку стотини километри со новороденчето во картонска кутија ставено на задното седиште на неговиот стар автомобил. Следното утро тој го довел детето во црквата, го ставил во топлиот кош на црквата, пред да започне со литургијата.
Реакциите на заедницата
“Како што пеевме тоа утро, слушнавме бебешко плачење”, вели Марија Цизмару, жителка на Вала Попули. “Неколкумина луѓе притрчаа до прозорецот затоа што мислевме дека плачењето доаѓа од снегот. Тогаш го видовме детето во кутија”! Марија го прашала отецот по литургијата дали може да го земе бебето дома. Марија, мајка на четири деца и жена на земјоделец, не била сигурна како нејзиниот маж, Јон, ќе реагира на уште една уста за хранење. Седум години подоцнаа, Луцијан е с$ уште нејзино дете.
Отпрвин соседите во тоа традиционално село не ја одобрувале постапката на Марија. “Мажите го прашуваа мојот сопруг како може да расте туѓо дете”, вели Марија, вртејќи тажно со главата. “Многу не озборуваа”. За Марија, пак, Луцијан е дар од Бога.
“Кога бев млада, имав абортус. Чувствував многу вина поради тоа”, признава Марија. “Се молев и се исповедував со месеци, ама не се чувствував подобро. Кога пристигна Луцијан, отецот Танасие ми рече: “Бог ти го испраќа детево како знак на простување. Денес Луцијан е наш син. Не би можела никогаш да го дадам назад. Многу го сакаме”.
Прифаќањето на Луцијан од страна на Цизмаруви беше искрата на трансформација на Вала Попули. Денес, повеќето семејства овде се грижат за 97 напуштени деца и им обезбедуваат морална поддршка на самохраните мајки кои доаѓаат и остануваат во селото. Тие добиваат мал надомест од отецот Танасе што тој пак го обезбедува мобилизирајќи средства од деловниот сектор и од други донатори. Сепак, велат тие, парите не се нивната мотивација.
Вала Попули се променило откако жителите започнале да работат со отецот Танасе. “Ние сме обединети со заедничка цел - да им помогнеме на овие деца и на бремените мајки кои бараат засолниште во нашето село”, велат тие.
Детското село
Отецот Танасе и луѓето околу него ја основале граѓанската организација Про вита. Таа организација понатаму мобилизира и човечки и материјални ресурси со коишто им се помага на децата. Целта на свештеникот станала цел на сите во заедницата. Отецот Танасе го разбудил граѓанскиот активизам, ги мотивирал луѓето, го извлекол хуманото од нив за да може да им го даде на децата на кои толку многу им било потребно.
Недалеку од селото изградени се неколку двокатни куќи во коишто се сместени дел од децата.
Тринаесетгодишниот Џорџе го запознавме во црковниот двор. Тој ни правеше друштво додека дојдовме до нивната мала населба. Малку скржав на зборови кон дојденците, Џорџе ни кажа дека е тука веќе осум години. Оди во основно училиште и сака да продолжи во средно полициско и да биде полицаец. Неговите постари сестри, близначките Алина и Флорентина, исто така живеат во оваа населба. Тие учат во средното теолошко училиште. Тука се откако починал татко им. Нивната мајка решила нив тројцата да ги смести во Вале Попули затоа што не можела сама да се грижи за сите седум деца. Тие ја посетуваат мајка им и семејството за време на празниците. Велат дека се задоволни овде.
“Во моментов во селото се сместени 50 деца”, ни раскажа директорката на Про вита. “Вработени се 4 лица, а бројни волонтери се грижат за децата”, додаде таа.
Животната мисија на отецот Танасе привлекува многу студенти кои доаѓаат овде и кои волонтираат. Поминуваат неколку месеци грижејќи се за децата. Тоа не е случај само со луѓето од овој крај, Про вита и она што се случува во Вала Попули е познато во цела Романија, па доаѓаат луѓе од секаде.
***
Про вита и Вала Попули ги посетивме како успешен пример за мобилизација на ресурси и тие навистина се тоа. Сиромашната заедница водена од отецот Николас Танасе успеала да се мобилизира и да ги прифати оние што имаат потреба, да им го даде тоа што им е неопходно и уште повеќе, да им даде дом којшто ќе го чувствуваат како свој и љубов којашто им била ускратена.
|